Угинат крупен добиток од „шушкавец“ во липковско Гошинце

Заразна болест „шушкавец “се појави во липковското село Гошинце. Неколку домашни животни веќе угинале, а не се знае дали и колку други се заразени.  Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи станува збор за шест животни – крупен добиток. Случајот вчера го пријавил Исмаил Авни, жител на Гошинце во Центарот без да прецизира која е причината за појавата на оваа заразна болест бидејќи досега не ги користеле услугите на ветеринарните служби за лекување на животните. После пријавата контактирана е Ветеринарната станица во Куманово каде надлежните не биле запознаени со појавата на заразна болест, но веднаш потоа излегле на терен за да видат за што станува збор. Од страна на Ветеринарната станица и жителите во с.Гошинце на кои им починале животни е договорено да се превземат превентивни  мерки за  да не се проширува болеста,  да се закопа угинатиот добиток и во текот на денот  превентивно да се вакцинираат другите животни, стои во соопштението на Региналниот центар за управување со кризи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека станува збор за 4 угинати говеда од болеста, која не е опасна по здравјето на луѓето, потенцирајќи дека двајцата одгледувачи на говедата навреме не ги вакцинирале животните.

Во обид да дознаеме за каква болест поконкретно станува збор ја посетивме ветеринарната станица Тодор Велков во градот, но не добивме одговор на нашите прашања. Образложението беше дека не се надлежни за давање информации околу случајот , да ја контактираме Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инаку, болеста Шушкавец се појавува кај говеда, овци и кози и се карактеризира со различна клиничка слика, но, најчесто  со смрт на животните. Оваа болест најчесто се превенира со вакцинација. Преживеаниот добиток треба да се премести од местата каде што се појавила болеста и да се направи дезинфекција на одгледувалиштата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)