Улицата „11 октомври“ под полициска блокада

Од ноќеска улицата „11 Октомври“ е блокирана за сообраќај. Полициската станица, општината, основниот суд,  фондот за пензиско и здравствено осигурување, поштата, џамијата, уметничката галерија се под силно полициско обезбедување. Но, и покрај зголеменото присуство на безбедносните сили во центарот на Куманово, вработените во сите државни и општински институции  кои се наоѓаат на посочената улица се на своите работни места и нормално функционираат. За разлика од „11 Октомври“, улицата „Тодор Велков“ која поминува кај Агенцијата за вработување е забранета за сообраќај речиси цела недела. Иако во Куманово е мирно и граѓаните непречено се движат и по блокираните улици, но и во останатиот дел од градот, сепак дел од кумановци се вознемирени од ситуацијата и почнуваат да креваат паника. Некои од училиштата  утрово ги скратиле последните два часа, а пак дел од родителите или не ги однеле децата на градинка или пак предвреме ги земаат. Од Секторот за образование во Општина Куманово велат дека немаат дадено известување до училиштата за скратена настава бидејќи немаат такви инструкции од надлежните безбедносни структури. Оттаму информираат дека училиштата кои ги скратиле часовите тоа го направиле самоиницијативно, без одобрение на Секторот за образование.

Регионалниот центар за управување со кризи соопштува дека поради настаните кои се случија минатиот викенд е подигнат степенот на борбена готовност на полициските сили. Такви информации добиле од Секторот за внатрешни работи во Куманово.

Според МВР, се преземаат мерки за безбедност во Куманово.

Во 48 часовната полициска акција за сузбивање на терористичка група во населбата Тоде Мендол според официјалните информации на МВР, беа ликвидирани 14 терористи, 30 беа приведени и за нив е одреден 30-дневен притвор. Во текот на оружената престрелка 8 полицајци загинаа, а 37 беа повредени.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)