УМС: Димитриевски ветуваше дислокација на Краста!

Пред влезот на Краста, Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ од Куманово денеска одржа прес-конференција потенцирајќи го ветувањето на градоначалникот Максим Димитриевски за дислокација на депонијата. Според УМС , локалните власти наместо да ги решаваат вистинските проблеми на градот се занимаваат со други работи.

-Оваа прес конференција е свикана поради проблемот со главната депонија во нашата општина. Проблем што наидува на константно игнорирање од локалните власти. Би сакале да напоменеме дека дислоцирање на оваа депонија е една од клучните точки од кампањата на сегашниот градоначалник Максим Димитриевски. Но, и покрај ветувањата пред изборите, ништо не е направено и оваа депонија постои надвор од сите норми и правила. Во пресрет на зимската сезона, сакаме да укажеме дека овој проблем може да влијае врз загадувањето во градот кое е на високо ниво. Не знаеме дали постои некое друго место кое има депонија во самиот град на само неколку метри од првите најблиски живеалишта. До кога Куманово ќе биде маргинализирано за секој проблем и секое барање? До кога локалните власти нема да се занимаваат со вистинските проблеми во градот? – изјави Филип Симоновски, УМС на ОК  ВМРО ДПМНЕ

Справување со отпад и дислокација на постоечката депонија е еден од капиталните проекти ветени во изборната програма на Димитриевски. Куманово како најголема општина во Североисточниот плански регион ќе го решава овој децениски проблем заедно со граѓаните од Источниот плански регион. Овие два региони се лидери во регионалниот пристап во менаџирањето со отпад. Со помош на Европска Унија, преку ИПА програмата направени се законските подготовки, изработена е студијата, а во тек е подготовката на тендерскиот повик за изградба на првата меѓурегионална депонија за СИПР и ИПР. Во оваа модерна меѓурегионална депонија која ќе ги исполни сите европски стандарди, ќе има микробиолошки третман на отпадот, примарна селекција и делумно компостирање. Со реализација на овој проект ќе се унапреди справувањето со отпадот, заштитата на животната средина и меѓуопштинската соработка помеѓу 18 општини од двата региона. Целна група се сите граѓани , а рокот за реализација на капиталниот проект е  2020 –та  година, пишува во изборната програма  насловена  „Живот во Куманово ! За сите ! „

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)