Усвоени финансиските извештаи на „Пазаришта “

Колку лица се вработени преку Агенцијата за привремени вработувања во јавното претпријатие „Пазаришта“, колку вкупно вработени има, зошто доцнат платите, но и кога ќе бидат ставени во функција тоалетите на зелениот пазар беа дел од прашањата кои што советниците од опозицијата во советот ги упатија до директорот Илир Саити , на вчерашната седница.

-Ако се спореди првиот  квартал во 2017-та  и првиот  квартал во 2018 –та година се гледа драстична разлика , петкратно зголемување на средствата потрошени за оваа намена, изјави Емилија Трајковска, советник .

-Што се случува со платите на вработените, за јули месец зеле плата во септември, каде е проблемот и што се случува со тоалетите на зелениот  пазар , слушнав од закупците на тезги дека воопшто немаат тоалети во моментов, изјави Невена Величковска, советник

Саити информираше дека вкупниот број на редовно вработени во претпријатието се 49 лица и тројца вработени со договор преку Агенцијата за привремени вработувања, а дека извештајот за потрошените средства за репрезентација е во подготовка и за кратко време ќе и биде доставен на советничката Величковска.

-Што се однесува до првото  прашање за вработените преку Агенцијата за привремени вработувања разликата е голема затоа што ние минатата година сме ги ангажирале кон крајот  на март , десетте последни  дена сме ангажирале  тројца со договор преку агенцијата.  Разликата во првото  тромесечје на 2018-та  тие беа ангажирани за една година. Минатата година кон крајот  на месец март, значи само за десет дена се платени тие вработени, тројца. Вистина е дека платите за месец јули се земени во септември , имавме проблеми со наплата на плати и мислам дека со овој ритам на вработување  во рамки на еден или два месеца ќе се стабилизираме и вработените редовно ќе примаат плата, изјави Илир Саити, директор на ЈП „Пазаришта“

Во врска со тоалетите на зелениот пазар, Саити рече дека во тек е реализација на проектот за меѓугранична соработка со што веќе е отпочнато реновирање на тоалетите , а во меѓувреме од страна на „Пазаришта “ поставени се привремени тоалети на паркингот на јавното претпријатие кои што клиентите ќе ги користат до завршување на реконструкцијата.

Советниците се интересираа и за причината за драстично зголемените приходи од добиточниот , но и од пазарот на кој што се продаваат половна стока.

-Ме интересира за дивите  пазари кои што ги има на многу места во градот  – дали нешто како јавно претпријатие  преземате бидејќи  дивите  пазарџии не плаќаат за услуга кај вас, а да не зборуваме за не хигиената што останува по нив, изјави Драган Петковски, советник .

– Со колку броила располага претпријатието, зошто се користи електрична енергија бидејќи  ако се троши само за тезги за  осветлување , оваа сума е многу. Сметките  за интернет се високи, за мобилните исто така се високи, изјави Анета Шандева Доневска, советник

-Има зголемување на приходи од добиточниот , но и  т.н пазар Бувљак како резултат на зголемената соработка со другите  институции, исто така и топлото време многу влијаше во подобрувањето  на работата на пазарот за половна стока.  Сметките за електрична енергија се високи зашто  го осветлуваме зелениот  пазар, регионалниот зелен пазар ,канцелариите , а на пазарот секоја тезга има своја електрична светилка , изјави Саити.

По расправата , советниците ги усвоија  финансиските извештаи за работа на Пазаришта за периодот јануари- март 2018 –та и за периодот април – јуни годинава.

 

Коментари

коментар(и)