Успешна крводарителска акција на полицијата

Во просториите на полицијата денеска се одржа редовна крводарителска акција во тековната година која ја организира СВР Куманово во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и општинската организација на Црвениот крст. Во акцијата се вклучија вработени од кумановската полиција, повеќекратни дарители, но и помлади припадници на безбедносната служба. Освен полицајците крв даруваа и други граѓани.

-Ова е редовна акција што ја организира СВР Куманово, редовно има голем одзив од сите колеги, јас лично учествувам скоро во секоја акција, имам дарувано повеќе пати крв досега, хуманоста на овој начин се покажува најдобро на дело-истакна Владимир Петрушевски, полициски службеник.

-Секогаш се вклучувам во акциите на полицијата, апстинирав две акции, инаку секогаш тука дарува крв. Од гимназија од 83 до сега околу 38 пати. Порачувам младите да се приклучат во овие хумани акции една капка еден живот и едноставно е здраво, убаво да се прочисти крвта-нагласи Тони Трајковски.

Од Институтот за трансфузиона медицина Куманово истакнаа дека граѓаните даруваат и секогаш се јавуваат на повиците за недостаток на некоја од поретките крвни групи. Дополнија дека на ниво на државата има доволен број на крвни единици.

-Денеска сме на крводарителска акција во полициската станица во Куманово. Крводарителската акција како и секогаш е успешна. Голем број полицајци се заинтересирани за дарување и да помогнат на идните можни приматели на крв, досега над 40 полицајци даруваа може да се смета за успешна акција-истакна д-р Дритон Билали.

СВР Куманово традиционално организира три крводрителски акции годишно,  во февруари, јуни и октомври. Крводарителските акции се реализираат согласно потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу МВР и Институтот за трансфузиона медицина.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)