Утре започнува фестивалот „Денови на комедија“

Со претставата „Kако да се ограби банка “ во изведба на Драмски театар Скопје, утревечер во центарот  за култура „Трајко Прокопиев“ ќе започне 21- от Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија 2018“. На годинешнава манифестација ќе учествуваат 14  театри, од кои девет од Македонија и пет од Србија, Црна Гора, Бугарија и Ерменија. Фестивалот кој е во организација на центарот за култура има ревијален карактер и ќе трае до 18 -ти октомври.

-Претставата од Ерменија ќе биде на ерменски јазик, меѓутоа ќе имаме титл , превод на македонски јазик и затоа ги повикувам гледачите да дојдат и да ја погледнат претставата која е навистина добра комедија.

Билетите се продадени 99 проценти за скоро сите претстави, послаб е интересот за ерменската бидејќи веројатно луѓето мислам дека ќе нема превод. Исто така, слаб интерес има и за албанската претстава, но се надеваме дека ден пред премиерата ќе се продадат и тие билети. Инаку, другите билети сите се продадени во првите два –три дена откако се пуштени во продажба. Се надеваме дека следната година ќе бидат одвоени поголеми средства, а благодарност и до спонзорите кои придонесоа да се реализира фестивалот, изјави Сашо Тодоровски, директор  на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Фестивалот традиционално ќе го затвори кумановскиот театар при НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ со премиерна изведба на комедијата „Мани, мани, мани„ .

-14-та по ред претстава којашто ќе биде прикажана на Денови на комедија е нашата комедија насловена како „Мани, мани, мани“ според текст на Реј Куни. Сакам да напоменам дека оваа година славиме 70 години од кумановскиот театар. Комедијата е во режија на Бојана Краљевска и актерот Горан Илиќ. Играат седум актери, изјави Симона Тоскиќ, продуцент

Фестивалот „Денови на комедија“ се одржува со поддршка на Министерството за култура за кој се одвоени 800.000 денари , а дополнителни  300.000 ќе бидат потрошени од општинскиот буџет. Кумановската публика на трети октомври  ќе има можност да ја проследи комедијата „Вдовицата се мажи“  во изведба на велешкиот театар. „Умри машки “  е насловена комедијата на театарот од Штип „Ацо Шопов“ , Театар комедија Скопје ќе се претстави со „Жена ми се вика Борис“,  а во недела на седми октомври посетителите ќе имаат можност да уживаат во српската претстава „ Се зборува по градот“.

Ерменскиот државен младински театар ќе ја изведе претставата „Вкус на медот“ , а Македонски народен театар Скопје „Кец на десетка“. Претставата „Терапевти“ ќе ја изведе софискиот театар пред публиката на десетти  октомври. На 12-ти месецов Продукција Траг од Белгад ќе се претстави со комедијата „Свиња“ , струмичкиот театар со „Забрането смеење“, албанскиот театар Скопје ќе ја изведе претставата „Наопаку“  . Ромскиот театар Птици од Куманово ќе се претстави со „Веќе не те познавам“, на 17-ти октомври љубителите на комедијата ќе ја проследат црногорската претстава „ Урнебесна трагедија“ и секако фестивалот ќе биде затворен со „Мани, мани, мани„ . Сите претстави ќе се одиграат во големата сала на центарот за култура , со почеток во 20 часот.

Коментари

коментар(и)