Утре промоција на „Кумановци за Куманово“

Музичкиот проект „Кумановци за Куманово“ во организација на Асоцијацијата за култура и уметност „Мулти Арт“ , во вид на ЦД, ќе биде промовиран утрeвечер во Занаетчискиот дом со почеток во 18 часот . Според претседателката на Мулти Арт, Ирена Трајковска, инаку професорка по музичко образование, станува збор за преработка на десет народни кумановски песни во изведба на реномирани, но и помлади пејачи од Куманово. „Јовка кумановка” , Умреја батко Ѓорѓија” „Петра стои на порта”, „Нане ле , дете ле“, се само дел од преработките на кумановските песни кои што присутните ќе можат да ги слушнат на промоцијата на музичкиот проект.

– На аранжманите работеа повеќе наши музичари, меѓу кои Магдалена Божиновска-Стојановска, Слаѓан Станишковски, Стојадин Ивановски – Дине, Оливер Алексовски, Боби Серафимовски. Се потрудија да направат еден убав аранжман на сите овие песни. Инаку, во нивна изведба се нашите музичари.  Во проектот се вклучени само кумановци и се изведени од наши познати пејачи Маргица Антовска, Нино Величковски, од повеќето наши млади пејачи, меѓу кои Ивона Јовановиќ, Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски, Сандра Милковска, Коки, Душица и имаме едно мало хорче од професионални музичари кои ќе изведуваат дел од песните, изјави  Ирена Трајковска, претседателка на Асоцијација за култура и уметност „Мулти Арт“ Куманово.

Асоцијацијата за култура и уметност „ Мулти Арт“ е формирана во 2001-тата година од Стојадин Јовановски – Дине, која што извесен период активно работела. После одредена пауза, „Мулти Арт“ годинава повторно се активира организирајќи хуманитарен концерт.

-Повторно се активиравме во април годинава кога правевме Велигденски концерт, хуманитарен за едно семејство од Куманово и оттогаш всушност излезе една идеја за обработка на овие песни, поточно идејата е на Слаѓан Станишковски која беше безрезервно прифатена од сите музичари кои се вклучени во изработка на овој проект. Инаку, снимено е во професионално студио во Скопје, „ Подрумот“ на Ангел Ќосев и соработката беше на највисоко ниво, изјави Трајковска.

Проектот „Кумановци за Куманово“ е под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, Фондацијата за култура и спорт и Секторот за култура.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)