Учениците од ОУ „Кочо Рацин“ засадија 150 садници

Учениците од основното училиште „Кочо Рацин“, заедно со наставниците по биологија, денеска засадија 150 садници со бела ела. Акцијата насловена како „Садница плус“ за прв пат се спроведува во училиштето, како продолжение на „Ден на дрвото“. Целта на оваа акција, како што велат наставниците, е запознавање на учениците со процесот на засадување на дрвја и нивно одгледување, а воедно и да се запознаат со нивното значење за животната средина. Засадувањето на бела ела се спроведува како практичен дел од предметот екологија кој е во наставниот план и програма од прво до девето одделение.

-Предвидено е да се засади семенски материјал од бела ела, учениците имаа за задача да донесат хумус, песок, тоа како медиум измешано, така да секој ќе добие семенски материјал кој претходно е третиран, изјави Зденка Димиќ, наставник по биологија.

Наставничката по биологија, Зденка Димиќ, која воедно е организатор на акцијата, истакна дека сите ученици ги исполниле своите задачи и го донеле потребниот материјал за да засадувањето биде успешно спроведено. Учениците кои учествуваа во акцијата со големо внимание и ентузијазам пристапија кон засадувањето на дрвјата. Тие велат дека нивните училници ќе се разубават откако таму ќе ги постават садниците.

-Денеска садевме бела ела, која ќе ја поставиме во нашите училници и со тоа ќе ни се разубави училницата, вели една ученичка.

Како што додава Димиќ, оваа акција ќе продолжи да се спроведува и во наредните години, со поголем број на ученици кои ќе засадат повеќе садници.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)