Ученици од Куманово и Тузла ќе разменуваат искуства

Средно медицинско училиште од турската општина Тузла ќе донира опрема на стручното училиште „Наце Буѓони“ , најави при денешната посета на локалната самоуправа , директорот на училиштето од Истанбул. Со донацијата би се помогнала доизградба на кабинети каде што ќе се изведува практичната настава во делот на медицинските струки кои што функционираат во техничкото училиште. Соработката меѓу двете училишта од Куманово и Тузла започнала  минатата година. Целта е размена на искуства меѓу учениците и наставниците, посочуваат надлежните.

– Оваа година е прва средба на директорот што доаѓа во нашиот град, а ние имавме исто така  средба со него во неговото училиште. Тоа е досегашната средба, планираме уште средби со размена на ученици. Разликата е во опременоста, нивните училишта се малку поопремени од нашето училиште, но се надеваме дека по нивни терк ќе успееме да го достигнеме нивното ниво за некој одреден период, со размена на искуства, донации  и слично , изјави Драган Јаневски, директор на средно техничко училиште „Наце Буѓони “

-Се надевам дека ќе имаме добра соработка, и ние има нешто да научиме од нив  исто така и тие ќе научат нешто од нас. Ова е главната цел на проектот за збратимување, да имаме размена на ученици, на наставници, пријателството да продолжи, исто така да ги споделиме нивните и нашите искуства. Во текот на неделата три пати изведуваат практична настава, а два дена е во училиште,  по осум часа е практичната настава. Само што забележав во училиштето „Наце Буѓони “ е во однос на часовите дека помалку изведуваат, но сепак нема голема разлика меѓу двете училишта, изјави Сељадин Дурсун, директор на медицинско училиште во Општина Тузла, Р.Турција

Градоначалникот Максим Димитриевски верува дека ова збратимување и врска која што ќе се трансформира во традиционална соработка ќе придонесе  за дополнителна едукација на нашите ученици.

-Ќе достигне соодветно ниво на соработка каде што ќе можат да се споделат сите заеднички искуства во делот на едукација и воспитниот дел на нашите и нивните ученици. Она што е особено битно за мене, да постигнеме ниво на професионална соработка не само помеѓу професорите и институциите туку првенствено на ниво на соработка на размена на заеднички искуства и конкретно нашите и нивните ученици да ја почувствуваат таа соработка со размена на ученици, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Училиштето од Тузла повеќе од една деценија реализира проекти за соработка со други училишта. Од 2006-та година досега училиштето се збратимило со 28 училишта од Македонија , но и од Турција, информира координаторката на проектот за соработка.

Коментари

коментар(и)