Училишни сообраќајни единици во основните училишта

Десет ученици од основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Перо Чичо, како дел од училишна сообраќајна единица денеска теоретски и практично се едуцираа  за почитување на сообраќајните правила и прописи. Активностите беа најавени на крајот од минатата година на одбележувањето на Неделата на безбедност во сообраќајот на патиштата.  Проектот го реализира Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот , Општина Куманово и основните училишта во градот.

-Целта е да се укаже на сите учесници во сообраќајот за почитување на сообраќајните правила и прописи, почитување и постоење на сообраќајна култура и секако со тоа да се подигне безбедноста на сите, меѓутоа првенствено на децата односно учениците. Обуките ќе бидат завршени во текот на месец февруари, а потоа со почеток на пролетта, учениците од одредено училиште заедно со полициските службеници ќе бидат ангажирани исклучиво на подрачјето на своето училиште, изјави  Виолета Богдановска, началник на Отсек за превенција при СВР Куманово

Во првата фаза од реализацијата опфатени се десет основни училишта во кои што преку формирани сообраќајни училишни единици ќе се подига свеста за сообраќајната култура во градот.

– Предвидени се 36 часа кои што ќе ги поминат учениците заедно со нашиот тим од Општинскиот совет за безбедност, од СВР Куманово и Општина Куманово и после поминување на оваа едукација од следната учебна година учениците ќе можат активно да се вклучат за унапредување на безбедноста околу своите училишта. Предвиден е натпревар помеѓу самите ученици кои што ќе ја поминат едукацијата за училишни сообраќајни единици и ќе видиме со тој натпревар кој најдобро научил да ги спроведува правилата и прописите во сообраќајот, изјави Бојан Петковски, Општински совет за безбедност во сообраќајот

Директорката на основното училиште „Христијан Тодоровски  Карпош“,  Лидија Костиќ смета дека учениците веќе ги докажале своите солидни предзнаења за сообраќајните правила и прописи со оглед на тоа што често добиваат награди на државни натпревари.

– Овде станува збор за практична примена односно подобрување на сообраќајна култура не само на тимот, туку и на сите ученици во училиштето, со тоа што заедно со полицајците излегуваат на терен и учат практично на грешките , на туѓите, на своите. Мислам дека во голема мера ќе се подобри сообраќајната култура, меѓу учениците, меѓу наставниците и целиот реон. Нашето училиште е вклучено и во проектот „Детски семафор“  односно натпреварот што се одржува на општинско ниво, регионално и државно. Секоја година сме активни и за нас, загарантирано е прво, второ или трето место . Минатата година училиштето освои прво место со ученик кој доби награда велосипед на државно ниво. Професорот е идеален, работи супер со учениците, така што секоја година имаме резултати, изјави Лидија Костиќ, директор на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“  

Во понатамошната реализација на проектот дополнително ќе бидат вклучени и училишта од општините Старо Нагоричане и Липково, најавија надлежните.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)