Училиштата, градинките, базенот – затворени

Основните и средните училишта, факултетите и градинките на целата територија на државава од утрово не работат со одлука на Владата како превентива од ширење на коронавирусот. Мерката важи 14 дена, односно наставата ќе биде прекината до 24 март.

Прекинат е воспитно-образовниот процес и наставата и во центрите за ран детски развој и дневни центри, а вработените лица во овие институции се ослободени од работа во овој период. Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека по еден родител на дете до десетгодишна возраст може да се ослободи од работа 14 дена. Отсуството од работа ќе биде платено, а родителот кој нема да оди на работа треба да обезбеди потврда од училиштето или градинката.

Вработените во безбедносниот и здравствениот сектор, родители на деца до 10 години, нема да ја користат мерката за отсуство од работа поради корона вирусот. Доколку двајцата родители се вработени во еден од овие сектори тогаш ќе има дополнителни мерки.

Владата донесе и дополнителна одлука со која забранува користење на сите пливачки базени.

Директорот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кое што стопанисува со затворениот градски базен, Даниел Стојчевски денеска информираше дека до 24 март базенот ќе биде затворен за посетителите.

-Би сакал да ги известам граѓаните дека согласно препораките на Владата и дополнителната одлука за базените и спортските објекти вчера донесена во попладневните часови , од денеска затворениот градски базен нема да работи ниту за клубовите, ниту за рекреативните пливачи, ќе биде во целост затворен. Се надевам дека граѓаните ќе наидат на разбирање. Ние дополнително ќе ги следиме сите одлуки што ќе бидат донесени од страна на Владата, препораки, ќе постапуваме по истите, а граѓаните дополнително ќе бидат известени за истите. Вработените во затворениот базен во наредниот период ќе извршат детално чистење на затворениот базен и ќе извршиме дезинфекција на затворениот градски базен и се надевам дека во најбрзо време повторно ќе биде пуштен во употреба и ќе се справиме со оваа состојба во нашата држава, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Стојчевски вели дека јавното претпријатие ќе се придржува кон препораките и во однос на вработените.

-Сите оние хронично болни ќе бидат платено оправдано отсутни од работното место и оние родители кои што имаат дечиња помали од десет години со писмена гаранција од установата во која се наоѓа детето, училиште, градинка, ќе бидат ослободени од работното место. Бидејќи јавното претпријатие врши една од посуштествените услуги во градот Куманово се надевам дека нема да наидеме на дополнителни пречки во работењето и во функционирањето на јавното претпријатие бидејќи ние нашата услуга ја вршиме преку тие луѓе, преку тие наши вработени и се наоѓаме во предизборен период во кој јавното претпријатие нема да биде во можност, доколку се најдеме во една состојба да имаме поголем број оправдано отсутни општи работници, возачи, нема да бидеме во можност да ги заменуваме со други вработени поради периодот во кој се наоѓаме. Се надевам дека ќе излеземе од оваа состојба успешно ќе се справиме и доколку има некои дополнителни проблеми и граѓаните дополнително ќе бидат известени, изјави Стојчевски.

Седумте заразени пациенти кои се сместени на Клиниката за инфективни и фибрилни болести во Скопје се во стабилна состојба и со лесна клиничка слика, но 12 други во овој момент се тестираат, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција одржана напладне.

Првата заболена пациентка во држава, информира министерот Филипче, е веќе излекувана, тестот покажал негативни резултати и ќе биде пуштена дома.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)