Фалат народни кујни во градот

Околу двестe социјално загрозени лица се корисници на народните кујни, кои што се наоѓаат кај зеленото пазарче и месната заедница кај џамијата во Куманово. Во нив од понеделник до петок од 12 часот, на граѓаните на кои што им е најпотребна им се дели подготвена храна. За разлика од порано кога корисниците можеше да седнат во трпезарија и да јадат, сега тие од врата ја земаат храната и ја носат дома.  Дента кога ги посетивме на менито имаше манџа, зелка, по некоја конзерва за викенд и парче леб. Корисниците беа тивки, не правеа муабет меѓу себе, туку само трпеливо чекаа да го земат својот оброк. Повеќето од нив не сакаа да зборуваат пред камерата бидејќи се срамат, но дел од нив раскажаа дека се без работа и дека социјалната помош од 3.000 денари не стига ниту за да ги задоволат основните потреби, па затоа се принудени за храна да доаѓаат во народите кујни. Велат дека се благодарни за овој оброк што го земаат, но сепак тој не им е доволен за да го прехранат целото семејство.

-Секој ден доаѓам за храна ни даваат четврт леб малку манџа, салата благодарам и на тоа, колку толку едно јадење ќе има. Не е баш доволен, но пак е добро без тоа не може на секој да му задоволиш но за еден е добро. Земав социјално сега не зимам, уште еден месец ќе одат во пензија па потоа ќе ја прекинам кујнава. Оброк повеќе би бил плус тоа е добро да биде уште еднаш, премалку даваат преба повеќе-изјави еден корисник.

Храната за овие социјално загрозени лица се подготвува во кујната на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ а средствата се обезбедени од Министерството за труд и социјална политика. Но, како што дознавме двете народни кујни не се доволни за да ги задоволат потребите на сите социјално загрозени семејства во Куманово. И покрај тоа што испративме прашања до Министерството за труд и социјална политика до денес не добивме одговор дали е планирано да се прошират народните кујни во Куманово и дали еден оброк е доволен за овие граѓани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)