Фестивалот „Нишвил“ промовиран во Македонија

Амбасадата на Република Србија во Македонија синоќа организираше промоција на џез фестивалот „Нишвил“, кој традиционално, 25-та година по ред се одржува во Ниш. Оваа година љубителите на овој вид музика, ќе имаат можност да уживаат во програмата која ќе се одржи од 2-ри до 11-ти август.

Годинава во текот на десетте дена на 20 бини ќе бидат изведени 300 програми со илјадници уметници. Покрај музичките точки на големи светски ѕвезди, најавени се и бројни активности поврзани со театарот, филмот, книжевноста.

-Наш основен мотив е посета на граѓаните од Македнија на фестивалот, сакаме да привлечеме што повеќе луѓе. Фестивалот прерасна и надвор од границите на Србија. Гардијан го стави во топ 10-те европски фестивали-истакна директорот на фестивалот, Иван Благојевиќ.

Оваа  година на „Нишвил“ од Македонија ќе настапи  трио Сашо Поповски, како и најпознатиот џез музичар, Влатко Стефановски, кој ќе го затвори фестивалот.

-Нишвил е еден од исклучително реномираните фестивали во Европа а дури и надвор и на другите континенти. Тоа го потврдува учеството на бројни уменици за овие 25 години колку што видов околу 6000 учесници имаше, а веќе дојдоа што се однесува до публиката 200.000. Ова година е јубилеен и посебно ми е драго што ја организиравме оваа промоција-посочи српската амбасадорка, Душанка Дивјак Томиќ.

Коментари

коментар(и)