Фирмите се запознаа со најновите европски програми

Претставници на малите и средни претпријатија денеска имаа можност да се запознаат со најновите европски програми, фондови и проекти, на информативниот настан кој го организираше Бизнис центарот, кој работи во состав на Североисточниот плански регион. Настанот е со цел да ги претстави критериумите, условите и бенефитите кои што ги нуди Европската унија, за проекти кои што можат да се имплементираат во период од 2014 до 2020 година.

-На некој начин ќе ги поттикнеме малите и средни претпријатија од регионот повеќе да ги користат во иднина овие европски фондови, бидејќи со нивна помош ќе можат да имаат поголем раст на компаниите, конкурентност на пазарот, иновативност на некој начин ќе можат да креираат и поголем број на работни места.-изјави Димитар Ташевски, модератор на проект.

Своите европски програми пред кумановци ги претставија и претставници од меѓународната банка за обнова и развој, Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика и европскиот информативен центар. Виолета Атанасовска од Министерството за образование и наука,  ја претстави европската рамковна програма за истражување и иновации, таканаречена Хоризонт 20-20. Таа истакнаа дека програмата која е со буџет од околу 80 милијарди евра, дава поддршка на истражувањата и иновациите во секој сегмент од општественото живеење.

-Се работи за комплексна програма, многу компетитивна во неа учествуваат најголемите компании од светски рамки меѓутоа за секого има место и еве ќе ги поттикнеме се надевам со овој настан нашите мали и средни претпријатија да пројават поголем интерес и да почнат да учествуваат во истата, затоа што можностите кои ги нудат се навистина извонредни како за развивање на сопствениот бизнис, за наоѓање на нови партнери, пазари, развивање на своите иновативни идеи, се работи за претпријатија кои што мора да покажат иновативност и желба за растење, напредок, за да може да учествуваат во програмата.

Атанасовска истакна дека постои интерес за ваквите програми, бидејќи во претходната ФП7 учествувале 22 мали и средни претпријатија. Настанот е дел од проектот на Министерството за локална самоуправа Иновативни решенија за подобар пристап до услугите на локално ниво кој се спроведува во соработка со УНДП.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)