Форумска сесија од проектен форум

Третата форумска сесија од Проектниот форум во организација на Општина Куманово и УНДП се одржа денеска во центарот за култура. Пред присутните беа презентирани девет предлог проекти на работните групи кои што учествуваат на форумот. Фокусот на проектите е образованието, велат надлежните, но со акцент на социјална инклузија. Предложените проекти се однесуваат на повеќе потреби, детектирани од граѓаните : Опремување и адаптација на Градската библиотека со компјутери и книги за слепи лица и лица со посебни потреби, Отворање на Центар за помош на деца на разведени родители; Основање на Хаб – центар за млади и млади таленти, Создавање на сервис за стари лица со вклучување на волонтери, Адаптација на покрив и столарија во ООУ „Браќа Миладиновци“, оформување на Спортски катчиња за урбана и рурални средини со простор за спортување на деца со посебни потреби, Инфрастрктура за лица со попречености, а предложени се и два предлог проекти за отворање на Центар за ран детски развој во с. Доброшане и во Умин Дол.

-Она што нас не радува како општина е дека имаме девет квалитетни концепти кои веќе се преточија во проекти, ентузијазмот на граѓаните е очигледен со тоа што социјалната инклузија како фокус на самиот форум ни кажува дека сите граѓани бараме социјална инклузија за секој граѓанин на територијата на Општина Куманово. Месните, урбаните заедници, основното, средното образование, општинската администрација, советниците даваат силна поддршка во овој форум, изјави Маја Петровска, координатор на проектот

Создавање на сервис за стари лица со вклучување на волонтери е предлог проектот на работната група од дневниот центар „Порака наша“  во соработка со Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој што ќе биде носител на проектот доколку биде избран.

-Идејата е да се оформи еден сервис кој што не постои во Куманово, не постои ниту во нашата држава, кој што имавме прилика да го гледаме во поразвиените земји каде што веќе функционира. Нашата идеја е да формираме вонинституционална грижа за стари и изнемоштени лица и лица со попреченост каде што ќе им се пружа нега и грижа во домашни услови. Идејата е исто така да се развие волонтеризмот, да се развие свеста кај младите луѓе и кај останатите граѓани дека сите ние припаѓаме на таа група, изјави Мартина Костовска, „Порака наша “

Следната форумска сесија ќе се одржи на 15-ти октомври, на која граѓаните со право на глас, ќе одлучуваат на кои проекти треба да им се додели проектниот фонд од 50.000 швајцарски франци, обезбеден од Швајцарската агенција за развој и соработка, преку имплементаторот УНДП.

На последниот, петти форум ќе биде презентиран проектот кој што ќе биде избран и ќе се имплементира од страна на Општина Куманово.

Инаку, целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Форумскиот процес е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, чија втора компонента е зајакнување преку мали грантови за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)