Фотограф од Куманово доби две награди на фестивал во Чачак

Фотографот од Куманово, Марина Крстиќ, на првиот изложбен салон за уметничка фотографија „Градац 2015“, кој се оддржува во Чачак, доби две награди за две нејзини фотографии. Во конкуренција од триста дела од шеесетина различни земји, нејзините фотографии „Ракија мејкер“ и „Крипс“ се наградени во конкуренцијата монохром, односно црно-бела и колор, односно фотографија во боја.

– Чувството беше прекрасно, најпрвин бев многу изненадена кога ми јавија моите членови од фото клубот дека имам добиено две дипломи. Не се надевав навистина, затоа што конкуренцијата беше многу голема и при тоа не бев тука кога ми јавија дека сум ги добила овие две дипломи, така што бев изненадена и се надевам дека сега ќе прославиме по тој повод, вели Марина Крстиќ, фотограф.

На изложбениот салон, Марина конкурирала со шеснаесет фотографии од кои сите биле изложени. Селекцијата на делата кои ги испратила, била извршена во координација со уметничкиот совет од Фото клуб „Куманово“.

– Во клубот имаме уметнички совет и пред тој совет ние ги претставуваме нашите фотографии, оние коишто ние сметаме дека се добри за некои изложби и уметничкиот совет е тој кој што, не одлучува, сепак е тоа мое право, ама може да ми даде совет дали фотографијата е добра, колку би можела да оди понатака, каде би можела да се пласира, додава таа.

Заклучно со оваа година, Марина веќе три години активно фотографира. За неа тоа првенствено претставува хоби, но во последниов период вели дека и станува многу поголема пасија, па се надева дека ќе успее да ја промовира уметничката фотографија во Куманово, па и пошироко. До сега има освоено повеќе значајни награди и признанија во Македонија, Србија, Босна и Хрватска на интернационални салони за фотографија, а сите награди ја мотивираат поактивно да го користи фотоапаратот.

– Тие се голема мотивација за понатамошно реализирање, нормално, инаку ако не направиш ништо во поглед на уметничката фотографија, можеби ќе поминеш во друг тип на фотографија. Мене конкретно ме исполнува овој вид на фотографија, не се занимавам со друг вид и се надевам дека понатаму ќе освојувам уште повеќе награди, за да можам да се рекламирам не само себеси, туку и мојот клуб, нагласи Марина.

Инаку шеснаесетте фотографии со кои конкурирала на фестивалот во Чачак планира да ги испрати на изложбен салон во Марибор, Словенија, кадешто конкуренцијата, вели, е уште поголема од претходно, но се надева дека ќе постигне добри резултати.

Коментари

коментар(и)