(ФОТО)Куќички за продажба на цвеќе поставени на влезот на пазарот

Седум дрвени објекти за сезонска продажба на цвеќе и садници се поставени на влезот на Зелениот пазар. Увид во куќарките кои се поставени со цел да се модернизира градскиот пазар, денеска изврши градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, заедно со директорот на јавното претпријатие Пазаришта, Илир Саити.  Оваа инвестиција е во рамки на програмата на општината преку Одделението за локален економски развој. Надлежните се надеваат дека на овој начин ќе го решат проблемот со дивата продажба, бидејќи искуството од минатите години покажува дека во март во минатото диви продавачи на тротоарите продаваа цвеќе и садници.

 -Сакаме да ја спречиме дивата продажба и на сите луѓе кои учествуваат во прометот со вакви производи да им дадеме можност уредно со претходно напревен договор со јавното претпријатие Пазаришта добијат можност каде ќе ги продаваат овие производи. Во моментот имаме седум такви објекти, општината инвестираше 510.000 денари по претходно распишана тендерска постапка каде што беа предвидени средства во износ од 900.000 денари и поради транспаренстноста на тендерот се дојде до постапка понудувачот да прифати за 510.000 денари да ја изгради оваа инвестиција. Денеска сметам дека имаме и ќе успееме конечно да ставиме крај на она што се случуваше со дивата продажба и ќе продолжиме како општина да се грижиме прометот на сите производи да се врши на пазарот и места кои се предвидени за тоа и да ставиме крај на дивата продажба-нагласи првиот човек на Куманово, Максим Димитриевски.

Директорот Саити дополни дека објектите ќе се издаваат по наем, по цена од 6.000 денари. Нагласи дека заедно со општината ќе продолжат да работат на уредување на условите на градскиот пазар.

-Откако почнаа да се монтираат овие дрвени бараки има многу позитивни реакции од граѓаните на општината и од закупците во јавното претпријатие. Ја користам можноста да му се заблагодарам на градоначалникот и Советот за дадената можност да ги стопанисуваме овие дрвени бараки, со цел да се подобрат условите, финансиската состојба и за еден убав лик на Куманово. По нашите анализи, управниот одбор утврди цена од 6.000 денари плус ДДВ или 72.000 еднари годишно. Дрвените бараки се со површина од шест квадратни метри, по добиената согласност за ценовникот ќе почне процедурата за издавање на овие бараки-истакна тој.

Градоначалникот на Куманово упати апел и до граѓаните кога го посетуваат градскиот пазар прописно да ги паркираат своите возила. Тој воедно се заблагодари и на сообраќајната полиција, затоа што води сметка во овој дел од градот непречено да се одвива сообраќајот. Димитриевски потсети дека неодамна беше направена и реконструкција на кровот на пазарот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)