(ФОТО) За две недели ќе се пушти во употреба Ургентниот центар

За две до три недели се очекува да биде пуштен во употреба новиот Ургентен центар при Општа болница Куманово. Во моментов недостасува само употребната дозвола. Ова  го истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој заедно со директорката на болницата, Снежана Захариева, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изврши увид по завршување на градежните зафати.

Според министерот за здравство се работи за значаен објект не само за кумановската болница, туку и за регионот, но и за здравствениот систем, зашто на едно место ќе бидат сместени, итната хируршка амбуланта, ортопетска, анестезиолошка амбуланта и компјутерска томографија. Од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 100.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар.

-Над 100 пациенти кои циркулираат во тек на денот ќе има можност да бидат првоиспитани, потоа радиолошки евалуирани и третирани во овој нов Ургентен центар. Многу е важно што од функционален аспект за прв пат се обединуваат на едно место амбулантите по анестезилогија, хирургија и ортопедија, што е светски и европски стандард. Во оваа болница на едно место, пациентот ќе може да биде примен, веднаш да се направи компјутеризирана томографија, прегледан од повеќе специјалисти и да се види што и како понатаму-истакна Филипче.

Министерството за здравство продолжува да дава поддршка на кумановската болница, пред се во зголемување на бројот на вработени. Филипче нагласи дека минатата година биле примени голем број медицински сестри и лекари, а дел од нив биле пратени и на специјализација.

-Болницата во Куманово во континуитет ја поддржуваме и во смисла на набавка на нова медицинска опрема. Мора да се одаде признание и на менаџментот на оваа болница, затоа што оствари и заштеди, набави и опрема од сопствени средства. Се надевам дека во следниот период ќе продолжиме да размислуваме кумановската болница да прерасне во клинички центар-нагласи тој.

Директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева истакна дека граѓаните, но и персоналот наскоро ќе имаат пристап до еден уреден објект, во кој ќе можат да побараат соодветна здравствена заштита од повеќе специјалисти.

-На пациентите ќе им биде големо олеснување пристапот до нашите хируршки тимови. Што се однесува до персоналот тие не само што ќе имаат убав амбиент и адекватно уреден простор за работа туку и ќе имаме можност повеќе екипи да бидат присутни на едно место, и заради меѓусебна помош, заеднички третман, консултација. Ова одамна му требаше на Куманово, како центар каде се згрижуваат пациенти не само од нашиот град, туку од целиот регион. Пациентите нема да талкаат од еден до друг објект, дали е упатен во стара или нова хируршка амбуланта, или на компјутерска томографија, туку на едно место ќе добијат соодветен третман-изјави Захариева.

За изградбата на новиот Ургентен центар во Куманово, Министерството за здравство одвои околу 900.000 евра.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)