Фото клуб „Куманово“ организира бесплатен курс по фотографија

Фото клуб „Куманово“, трета година по ред, организира бесплатен курс за уметничка фотографија. Можат да се пријават сите граѓани коишто се заинтересирани за уметничка фотографија, без разлика на годините. Не постои ограничен број на кандидати, а целта, како што велат од клубот, е да се прошири фотографската дејност во Куманово и сите граѓани да добијат можност да ги развијат нивните фотографски вештини.

– Отворена е поканата за сите граѓани. Првин ќе има учење за историјата на фотографијата, а потоа практичниот дел. Ќе има и еднодневни екскурзии, посетување на локалитети, ќе се учи лабораторискиот дел на развивање на филм, а потоа и дигиталниот дел на фотошоп, изјави Стефан Петровски од Фото клуб „Куманово“.

Предавањата ќе започнат од 15-ти септември, а курсот трае девет месеци. Од клубот велат дека часовите ќе се оддржуваат во сабота и недела, бидејќи поголемиот дел од пријавените кандидати се слободни за време на викендот. По завршување на обуката, кандидатите се стекнуваат со уверение за завршен курс по фотографија, како и право на членство во клубот.

– Завршувањето на курсот е со „Маински фото фестивал“, каде учесниците ќе ги изложат нивните фотографии на клубската излжба. Почнваат пријавите од денеска, додава Петровски.

До сега се пријавилие 10-ина кандидати, но од клубот велат дека очекуваат уште поголем одзив. Пријавените се на просечна возраст од 16 до 25 години, а од клубот нагласија дека најголем интерес за уметничка фотографија пројавуваат помладите кумановци.

Коментари

коментар(и)