(ФОТО) Македонската естрада пееше во чест на Миодраг Божиновски-Мичо

Во преполната сала на Центарот за култура синоќа се одржа концерт во чест на големиот композитор и музичар од Куманово, Миодраг Божиновски-Мичо.

Пред почитувачите на неговото дело настапија голем дел естрадни уметници, меѓу кои Никола Давидовски, Маргица Антевска, Виолета Томовска, Ефто Пупиновски, Нино Величковски, Октет Куманово, Перо Христов, Сандра Милковска, Група Сирма, Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов, како и неговата ќерка Магдалена Божиновска Стојанова.

-Јас можам да бидам само среќна, дури и повеќе од среќна и големо задоволство ми е што по повод јубилејот 500 години град Куманово се заложивме сите да направиме еден ваков настан и да направиме едно сеќавање на ликот и делото на Миодраг Божиновски мојот татко кој е еден најистакнат лик од областа на музичката култура во Куманово, по Трајко Прокопиев, така што целиот проект го работиме веќе од јануари, ќе опфати поголем дел од неговото творештво и сериозна музика, наменска, народна, популарна музика од самите почетоци се до последните години од животот-истакна Магдалена Божиновска Стојанова.

Концертот го прогласи за отворен претседателката на Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, која истакна дека името на Божиновски ќе остане запишано во македонската музичка историја.

– Миодраг не беше само автор во една област, тој беше значајно музичко име со врвни дострели во светот на компонирањето, текстописец, аранжер, продуцент и човек кој соработуваше со плеада на истакнати уметници од сферата на уметност. Во аналите на историјата на Куманово во достигнувањето на полето на музиката, културата неговото име ќе биде запишано со златни букви. Тој во наследство нам и идните генерации ни остави впечатливи творби кои ќе се пренесуваат од генерации и генерации-истакна таа пред присутните.

Концерот под името Музичкиот свет на Миодраг Божиновски“ се одржа во придружба на големиот народен оркестар “Пријатели” под раководство на маестро Дарко Илиевски и маестро Миле Барбаровски. Публиката преку видео снимки на неговата матична куќа, македонската радио телевизија се наврати на неговите остварувања.

-Ова вечерва што се случува е навистина за љубителите на убавата музика во чест на великанот Миодраг Божиновски кој ги има напишано едни од поголемите хитови на македонската музика, аранжирано и ние со овој концерт сакаме да му се одолжиме се во чест на неговото име а исто така ова е еден од настаните по повод 500 години Куманово и Куманово град на култура за 2019-та-посочи Сашо Тодоровски, директор на Центар за култура.

Концертот се реализираше со поддршка на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово.

Инаку Миодраг Божиновски е роден на 20 мај 1952 година, а почина на 10 август 2011 година. Во својата музичка кариера забележа голем број хитови кои ги направи за поголеми музички имиња од макеоднската музичка сцена, меѓу кои „Стариот џумбушлија“ „Свирете ми тамбури“, „Во светот на Бајките“, „Бабино девојче“ и многу други.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)