(ФОТО) Одбележани 75 години од убиството на Карпош

Со богата културно уметничка програма, синоќа во Занаетчискиот дом се одржа Карпошова вечер, по повод 75 години од загинувањето на народниот херој, Христијан Тодоровски Карпош. Манифестацијата традиционално ја организира Здружението на армиски и полициски ветерани со поддршка на Општина Куманово. На настанот присувствуваше вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалниците на Куманово и Старо Нагоричане, Максим Димитриевски и Жаклина Јовановска, претставници на АРМ и СВР Куманово, борците, советниците. Тие се потсетија на ликот и делото на Карпош.

-Ние кумановци сме горди и среќни што Карпош беше наш сограѓанин и тажни што не ја дочека слободата и создавањето на државата за која пред олтарот на слободата го положи својот млад живот. Борбениот пат на Христијан започна во октомври 1941 година како млад го понесе знамето на слободата во борбата против фашистичкиот окупатор. По разбивањето на првиот партизански одред Христијан замина  во јужноморавски партизански одред каде се калееше и стекнуваше борбени искуства, покажа храброст, одважност, другарство и секогаш бил во првите редови во борбените акции. Другарите од одредот во една прилика го прашале какво партизанско име да му дадат а тој им одоговорил јас веќе го имам јас сум Карпош-нагласи претседателот на Здружението, Драган Стојмановски.

Пред присутните зборуваше и градоначалникот Максим Димитриевски, кој истакна дека е горд што кумановци ја испишале историјата на државата и затоа имаат право да ја креираат и иднината.

-Во духот на Карпош сите ние кумановци со право можеме да кажеме дека сме потомци на двајца Карпоши, оној стариот Карпош од 1689 година, кој уште тогаш имал храброст да креира едно народно востание да се бори за слободата и самобитието на народите кои живеат и денеска на овие простори. По неговиот пример Христијан Тодоровски Карпош следејќи го исто така се одважил и заедно со своите соборци тргнал да се бори за она што денеска ние го имаме а тоа е слобода, држава независност на македонскиот народ и сите народи кои опстојувале и живееле на овие простори-нагласи тој.

Здружението на армиски полициски ветерани на манифестацијата додели и плакети на командантот на Третата македонска ударна бригада, Јордан Цеков Дане, Павле Арсоски генерал мајор, командант на Здружената оперативна команда на АРМ како и на вицепремиерот и министер на МВР, Оливер Спасовски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Христијан Тодоровски Карпош е роден на 3 септември 1921 во Куманово, а загинал на 7 февруари 1944 година во Билјача, близу Прешево во соседна Србија.

Коментари

коментар(и)