(ФОТО) Презентирани двете градини во ОУ „Крсте Мисирков“

Во основното училиште „Крсте Мисирков“ денеска се одржа презентација на проектите „Хидропонична градина“, во кој станува збор за безпочвено одгледување на растенија, за кои ќе се грижат самите ученици, како и проектот „Смарт градина“. За реализација на овие проекти, училиштето доби гранд од Фондот за иновации и технолошки развој. На денешната презентација на проектите присуствуваше и директорот на Фондот, Јован Деспотовски кој посочи дека во моментов 54 основни и средни училишта во моментот користат средства за реализација на вакви проекти.

-Особено ме радува што денеска го видовме ова, навистина ме импересионира, овие млади луѓе заслужуваат поддршка. Со ова што го видовме денеска уште еден доказ дека тоа е навистина така, аргумент повеќе и за нас да се бориме да обезбедиме што повеќе средства токму за овие деца. Пораката од нас до нив е дека стоиме зад нив, владата, општината, и нивните иницијативи ќе ги поддржуваме. Целта е да се развие критичкото и креативното размислување во оваа фаза, понатаму зборуваме за формирање на сопствени бизниси. Клучната цел е овие млади луѓе да ја препознаат Македонија како место за живеење, не да заминуваат, да не им е тоа прва опција, да сфатат дека оваа држава и ова општество сега веќе нуди можности за сите нивни идеи и проекти за подобар живот токму тука-нагласи тој.

Ова е веќе втора година како училиштето Крсте Мисирков, сериозно работи на развивање на креативните методи за подобарување на општеството.

-Овие два проекти се веќе добиени а третиот што го добивме за 3Д скенер е во изработка. Инаку горд сум на учениците, гордност е да си директор на вакво училиште со вака креативни наставници и ученици, да влезеш во топ 5 проекти на ниво на училиштата од државата е голема чест и задоволство и ќе продолжиме и понатаму, поттик и до другите училишта да аплицираат за вакви проекти, со нив се внесува иновативност во училиштето, техниката, наставата-нагласи Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски истакна дека е импресиониран од она што го создале учениците.

-Можам да кажам дека ова се млади научници во кои што лежи иднината на нашиот град и држава. Ги поттикнувам сите да продолжат под менторство на своите професори, напорно да работат и секако дека ние имаме и како општина и како државни институции ќе изнајдеме начин, решенија како да дадеме поддршка на едно посериозно ниво, да се имплементираат посериозни проекти кои ќе бидат мотивирани токму од ваквиот пристап бидејќи се работи за имплементација на високи технологии и проекти кои што се самоодржливи, носат бенфит на долгорочно ниво на сите нас.

На овие иновативни проекти учениците работеа под менорство на професорите, Емилија Поп Глигорова и Бобан Поповски.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)