(ФОТО) Свечена седница и во Старо Нагоричане

Во Старо Нагоричане вчера се одржа свечена седница по повод Денот на ослободување на општината, 11-ти Ноември. На седницата беа доделени и традиционалните ноемврски награди. Обраќајќи се пред присутните, градоначалничката Жаклина Јовановска истакна дека, да се раководи мала и рурална општина како Старо Нагоричане е дополнителен предизвик, бидејќи се соочувате со ограничени ресурси наспроти реалните потреби на населението, па затоа и најмал исчекор се смета за успех,  а секоја придобивка за проблем помалку.  Таа нагласи дека изминатата година вложиле труд и максимално ги искористиле расположливите ресурси за општинскиот развој.

-Иако не беше лесно успеавме да го вратиме наследениот долг од скоро 750.000 евра да се раздолжиме кон голем број на доверители и да ги решиме проблемите со обврските. Истовремено да го консолидираме општинскиот буџет да креираме повеќе развојни програми за наредната година која се надеваме дека ќе биде поуспешна од оваа. Она што на прв поглед изгледаше невозможно само за една година со несебична поддршка на централната власт, стана наша реалност-истакна таа.

Јовановска посочи дека изминатиот период се работело на подобрување на инфраструктурата, меѓу кои и реконструкцијата на регионалниот пат Младо Нагоричане – граничен премин Пелинце. Асфалтирани се локалните патишта во селата Младо Нагоричане, Цвиланце и Арбанашко, а е инвестирано и во изградба на пешачка патека, водоснабдување, опрема, осветлување.

-Во 2020 година ќе продолжиме да инвестираме, да градиме, да се развиваме. Идната година планираме да ја одбележиме со повеќе значајни проекти, а фокусот ќе го ставиме на развојот на руралниот и културниот туризам, кој ќе ни овозможи економски раст. Нашите главни предности каде што можеме да се развиваме се токму природните и културни ресурси во нашата Општина, и затоа потребно е максимално да ги искристиме- рече Јовановска.

Таа дополни дека 2019 година ќе се помни како година на раздолжување а идната ќе биде одбележана како година на капитални инвестиции и проекти во Старо Нагоричане.

Ноемвриските награди оваа година во Старо Нагоричане им беа доделени на Игор Стојковски во категоријата најдобар земјоделец, Срѓан Антиќ, за најдобар сточар, за најуспешна фирма наградата ја добива „ЕВРОС КОМЕРЦ“,најдобар спортист Мартин Стојковски и најдобар просветен работник Сања Велковска.

-Голема благодарност за оваа прекрасна награда. Благодарност што сум дел од овој настан. Ова е моја прва награда, ја посветувам на целото училиште, тимот, директорката, учениците и на сите колеги кои се исто така од оваа професија. Во оваа моја награда не гледам само обична награда, туку досегашен труд, љубов и посветеност кон професијата и љубовта кон учениците. Ќе продолжам така и во иднина и ќе се стремам за уште поголеми успеси-истакна Сања Велковска.

Свечената седница беше збогатена со богата културно уметничка програма.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)