(ФОТО) Српската амбасадорка го посети КУД „Српски вез“

Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ синоќа го посети културно уметничкото друштво Српски вез. Таа всушност направи увид во санацијата на подот на просторијата, која била извршена со нивна поддршка.  Амбасадорката посочи дека е задоволна што Српски вез за разлика од пред неколку години, денес има пристојна просторија во која може да подготвува богата културно уметничка програма.

-Јас сум убедена дека Српски вез во друштво на млади ентузијасти навистина заслужува да има еден ваков простор за вежбање и манифестациите и за прикажување на културата, етничките особености на српскиот, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат овде во Куманово. Мојот придонес е навистина мал, јас давам поддршка од самиот почеток, од основањето на Српски вез и драго ми е за тоа, што имам мал дел од овој мозаик, но сепак најголемата заслуга е на Далибор. Им се заблагодарувам на сите донатори кои финансики поддржа бидејќи сепак е вложен не само труд-истакна таа.

Амбасадорката при посетата донираше и лектири за деца од основно образование. Книгите кои ќе ја збогатат библиотеката на Српски вез, се напишани на српски јазик.

-Во иднина ќе се обидеме да донесеме уште поголем број книги и да овозможиме на сите деца на кои мајчин јазик им е српски, па и на македонските деца кои сакаат да зборуваат српски да им користи во учењето на јазикот, бидејќи јазикот е средство за комуникација и знаењето на јазикот е навистина големо богатство, пред се на мајчиниот а потоа и на секој друг. Македонскиот и српскиот се многу блиски и мислам дека сите ќе уживаат-истакна Дивјак Томиќ.

Српската амбасадорка се надева дека наскоро во училиштата низ Македонија повторно ќе се врати српскиот јазик. Засега во три училишта во државата, наставата се изведува и на јазикот на оваа етничка заедница.

Претседателот на Српски вез, Далибор Китановиќ истакна дека со заеднички сили на двете држави успеале да ја уредат просторијата на друштвото.

-Најголемиот проблем беше подот, беше стар, се распаѓаше, така што благодарение на амбасадата, нивните пријатели успеавме да го поставиме овој под, сега можеме еве постоиме 5 години ни се отвори поголема перспектива да можеме повеќе да напредуваме и да собереме што повеќе деца без разлика која националност се иако е српско друштво и Македонци  и сите кои што сакаат-истакна тој.

Китановиќ се освртна и на финансиската поддршка, нагласувајќи дека друштвото досега функционирало благодарение на Управата за соработка со дијаспората на Република Србија, како и Министерстовото за култура. Истакна дека изминативе години им помагало и Министерството за култура на Македонија, но за жал годинава надлежните одлучиле да не им одобрат средства.

-За жал морам да кажам дека вчера упатив приговор до министерството кое оваа година не ни одобри средства, не влеговме во годишната програма за култура, не знам зошто, потребни ни се тие средства за да успееме да функционираме во текот на годината. Еден од тие проекти е најава на 6-тио по ред фолколорен фестивал овде во Куманово. План ни е да собереме над 10 друштва од Хрватска, БиХ, Косово, македонски друштва, да направиме вистинско шаренило во Куманово. Аплицираме со поддршка на амбасадата во Србија се надевам дека приговорот ќе ни го уважат ќе ни помогнат така што дел од тој проект кој е имаме голема турнеја одиме во Германија во Дортмунд, ни требаат средства за таму, така функционираме исто така би сакал да кажам дека оваа година се отвора прекограничната соработка меѓу Македонија и Србија, подготвуваме и за тоа програма, се надевам дека градот, министестрото за култура на македонија и амбасадата ќе застанат зад нас-истакна тој.

Китановиќ нагласи дека заложбите на друштвото Српски вез не се само за Србите кои живеат во Куманово, туку за сите граѓани, но и за подигање на културата на повисоко ниво.

Коментари

коментар(и)