(ФОТО) Учениците со порака: Да користиме велосипеди

Повеќе од 200 ученици од кумановските основни и средни училишта денеска со велосипеди, како превозни средства, испратија порака до граѓаните почесто да користат вакви средства, за да ја зачуваат животната средина, но и да го намалат метежот во сообраќајот.

Настанот го организираше основното училиште „Крсте Мисирков“ во соработка со локалната самоуправа и Секторот за внатрешни работи, а во рамки на Европската недела на мобилност, која годинава се реализира под мотото „Пешачи со нас“.

На активноста поддршка дадоа и наставниците, како и градоначалникот Максим Димитриевски. Тој посочи дека општината активно ја спроведува акцијата за обезбедување на тротоарите и велосипедските патеки на граѓаните.

-Тоа го започнавме со акција на булеварот Октомвриска револуција, имаме за цел да продолжиме и на Трета МУБ, а воедно и по поместување на контејнерите над џамијата на улицата 11-ти октомври и отворање на кракот на улицата 11-ти ноември кон Бедиње, да создадеме услови за дополнителни паркинг места, воедно еднонасочен сообраќај на таа улица и да ги ослободиме постоечките површини кои се користат за времено паркирање на возила, се со цел и тука да се вцрта посебна трака за движење на велосипеди. Апелирам што помалку да користиме особено во зимскиот период кој што претстои, да го користиме градскиот превоз кој што од ден на ден се подобрува со својот квалитет и со цел  да се намали мобилноста и загадувањето-нагласи Димитриевски.

На новинарско прашање, дали постои можност Општина Куманово, по примерот на град Скопје да обезбеди средства за субвенционирање на граѓаните за набавка на алтернативни превозни средства, градоначалникот истакна дека за тоа може да се размислува во буџетот за 2021-та година. Оваа година се обезбедени средства само за субвенционирање за приклучок на гас, што е приоритет на општината, за справување со проблемот за загадување.  

Директорот на основното училиште Крсте Мисирков, Александар Јовановиќ  истакна дека на настанот учествуваат ученици и од другите основни и средни училишта од градот.

-Од нашето училиште учествуваат 80 ученици, кои се активно вклучија на велосипед и не само овој ден треба да продолжиме и другите денови да користиме велосипеди барем тука во централното градско подрачје, апел и до родителите бидејќи овде овие две улици се најмногу оптеретени со сообраќај, за тоа го имаме известено и СВР Куманово, па апел и до родителите можеме да одиме пеш да се движиме додека дозволуваат временски услови, со велосипед, знаеме дека во зимскиот период сме еден од најзагадените градови, можеме барем овде да се движиме со велосипед-нагласи тој.

Европската недела на мобилност годинава се одбележува во неколку градови во државата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)