Хуманитарен концерт за децата со пречки во развојот организираат „Крепост“ и „Yard“

Филип Стевановски, Бионда, Трета Смена и Слободан Кузмановски ќе настапат на хуманитарниот концерт за деца со пречки во развојот од Куманово, кој ќе се одржи на 3-ти јануари (четврток) во „The Yard lounge bar“. Концертот го организираат хуманитарната организација „Крепост“, како и „The Yard lounge bar“, кој традиционално дава поддршка на ваквите настани.

Освен богатата музичка програма, на настанот е планирано да се спроведе и аукција на слики, кои ги донираат кумановските уметници, Ана Јовановска, Мирослав Величковски, Мила Трендафиловска, Драган Колебен, Андреа Бојковска, Влатко Тасевски, Игор Спасовски, Елена Клековска. Хуманите кумановци ќе можат да набават и книги од авторот Милош Димковски.

Собраните средства ќе бидат наменети за изградба на сензорна соба во основното училиште „Браќа Миладиновци“, во кое се образуваат ученици со посебни потреби.

-Акцијата е од хуманитарен карактер и сите прилози од продажбата на овие слики и од аукцијата, донациите ќе се наменети за оваа сензорна соба, која претставува посебна потреба за овие наши сограѓани, мали деца, идни членови на општествената заедница. Мислам дека акцијата ќе биде успешна и еве јавен повик за таа акција-истакна Христијан Георгиевски од организацијата „Крепост“.

Дефектологот при основното училиште „Браќа Миладиновци“, Тино Шаботиќ, кој секојдневно работи со ученици со пречки во развојот, истакна дека изградбата на сензорна соба е важна за нивниот понатамошен развој. Воедно тој упати апел кумановци да се вклучат во овој хуманитарен настан.

-Сензорна соба претставува соба за сензорна интеграција на деца со пречки во развој, за подобрување на нивните когнитивни, психофизички способности. За оваа категорија на деца мислам дека таа соба е навистина многу важна и дека тоа ќе го подобри нивниот развој, помнење, учење, на тој начин ќе се подобри и нивниот социјален живот и сите останати сфери. Во текот на настанот ќе има изложено експонати со слики кои ќе бидат ставени на аукција, ќе има изложено и книги од кумановски автори и ќе бидат ставени на продажба, гарантираме убава забава-нагласи тој.

Хуманитарниот концерт кој ќе започне во 20 часот, ќе се одржи во соработка и со општинската организација на Црвениот крст. Кумановци отворете го срцето и подарете со љубов!

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)