Хуманитарен настан „Куманизам=Хуманизам “

Граѓанскиот центар АктивУМ преку организирање хуманитарен настан од забавен карактер ќе се обиде да ја подигне на повисоко ниво општествената одговорност во Куманово меѓу бизнис заедницата. Настанот „Куманизам = Хуманизам“ ќе се одржи во петок, на седми февруари во Занаетчискиот дом , со почеток во 20 часот. Организаторите велат дека интересот досега е голем, а очекуваат уште поголема заинтересираност од бизнисмените кои што сакаат и можат да помогнат на социјално ранливите семејства.

-Целта е да се покаже и да се подигне на повисоко ниво општествената одговорност во нашиот град меѓу бизнис заедницата, не сакајќи со тоа да кажеме, ние, од Граѓански центар АктивУМ дека досега немало хумани луѓе во Куманово,  туку напротив да ги поттикнеме и секогаш да ја ставиме на прво место потребата да ги мотивираме и да ги организираме на едно место сите здружени да помогнат на оние на кои најмногу им е потребна нашата, односно во овој случај, нивната помош.  

„ Куманизам = Хуманизам “ претставува наш заеднички придонес кон афирмацијата на донаторството и филантропијата помеѓу бизнис заедницата како алатка за општествена одговорност, но и културна вредност за соживот и солидарност, велат од „АктивУМ “. Бизнис заедницата може да донира за социјалните ранливите категории граѓани преку котизација за учество во настанот, директни донации или учество во аукција на слики и фотографии, кои што ќе бидат изложени во Занаетчискиот дом. Бизнисмените ќе имаат можност да присуствуваат на еден не секојдневен настан од забавен карактер со стенд ап комедија, со квиз кој се однесува на тоа Колку го познаваме Куманово , особено старо Куманово, со богата музичка програма, изјави Ивана Аткинс од Граѓански центар АктивУМ 

-Најголемиот услов е куманизамот да го изедначиме со хуманизмот, но не во онаа смисла еднократно да помогнеме некому. Секогаш постојат луѓе кои помагаат некому , меѓутоа луѓето на кои им е потребна вистинска помош сметам лично, но и од граѓански центар се согласуваат со мене дека не се работи за пакет зејтин или пакет хигиенски производи што велат кумановци „од ушку на менку “ , туку на луѓето на кои секојдневно им е потребна помош. Се разбира дека бизнис заедницата во ниеден град на светот не може секојдневно да им помага на тие луѓе, меѓутоа долгорочно кога зборуваме да се вработи некој од овие загрозени семејства, да се даде стипендија на децата кои се талентирани, а нивните родители не се во можност да ги школуваат, да им се догради куќата, да им се платат сметките,  за таква помош станува збор и за нив е наменет овој настан, за онаа бизнис групација и за оние луѓе кои и не мора да припаѓаат на бизнис секторот меѓутоа имаат волја да присуствуваат и да помогнат со 3000 денари котизација со која што добиваат четири влезници за овој настан. Досега интересот е голем , се надевам дека после емитувањето на овој прилог истиот ќе се зголеми уште повеќе, изјави Аткинс.

Хуманитарниот настан е последната развојна фаза од проектот „Култура за Куманово #Куманово за култура“ , имплементиран од Граѓански Центар Активум Куманово, а поддржан од „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)”, финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Во рамките на проектот претходно се организираше Уличен фестивал КуманиУМ, Конкурс за фотографија од замрзнат миг од Куманово , беа организирани работилници, изложба на фотографиите, а на крајот, трите најуспешни фотографии беа наградени со парични средства.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)