Хуманитарна акција „Нахрани 10.000“

И  граѓаните и претпријатијата во текот на утрешниот ден можат да донираат храна пред маркетите „Тинекс“ и „Елида“ во центарот на Куманово, информираа денеска од општинската организација на Црвениот крст и здружението „Инклузива” од Куманово . Овие организации заеднички се вклучија во поддршката  на граѓанската иницијатива „Ајде Македонија”  која се одвива под мотото  „Сите сити”, а има за цел да нахрани 10.000 социјално загрозени семејства на ниво на државата.

Хуманитарниот настан ќе се одржи токму по повод Денот за борба против гладта,, кој ќе започне во 10 часот и ќе трае се до 19 часот во Куманово, Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Радовиш, Кочани и Виница.

„На акцијата граѓаните и фирмите ќе имаат можност да донираат конзервирана храна на однапред утврдени пунктови пред маркетите, а подоцна  ќе се дистрибуира до најзагрозените семејства“ –изјавија од општинската организација на Црвениот Крст, Куманово.

Надлежните информираат дека пожелно е да се донира храна која не е лесно расиплива како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна е национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани. Според Државниот завод за статистика, во Македонија имаат проблем да обезбедат храна околу 450.000 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна што претставува за околу 26 000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на коишто им е потребна, Македонија може да го намали проблемот со гладот и сиромаштијата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)