Цивил: Граѓаните имаат право на слободно гласање

Законот, уставот и сите демократски правила и стандарди мора да се почитуваат за време на изборите. Тие не смеат да бидат манипулација, туку празник на демократијата, е пораката која што синоќа пред кумановци ја упати Центарот за слобода Цивил, на јавниот настан насловен „Сите за слободни избори“. Од Цивил нагласија дека граѓаните мора да се охрабрат и да зборуваат низ што се поминуваат во контиурираната предизборна кампања, која е постојано присутна во нивното секојдневие.

-Поткупот, политичката корупција, политичката дискриминација, дискриминацијата врз основа на тоа кој од која партија е или кој за која партија навива, губењето работа поради тоа или пак добивање работа поради тоа што сте членка на некоја од политичките партии на власт, не можеме да го прифатиме. Наша основна порака  е дека ако вие работите треба да ви се каже фала и да бидете пристојно платени за својата работа а не да бидете благодарни на некоја партија заради тоа што работите. Едноставно тоа мора да престане еднаш засекогаш-нагласи Џабир Дерала од Цивил.

Кумановци синоќа имаа можност да проследат и видео снимки, кои зборуваат за случувањата за време на изборите, но и за невработеноста, сиромаштијата, како и за гласачките права.

-Утврдивме уште одамна дека изборните манипулации се прават долго време пред самите избори. На самите избори, гласачките места изгледаат совршено или речиси совршено меѓутоа манипулациите, кршењето на изборниот молк и сите останати злоупотреби се случуваат надвор од гласачкото место-нагласи тој.

Дерала истакна дека ќе ангажираат набљудувачи кои ќе ги следат изборите и ќе известуваат за сите узурпации и злоупотреби. Тој ги повика граѓаните да следат и доколку забележат неправилности, веднаш да пријават кај нив, за да можат да преземат законски мерки.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)