ЦИД со завршна конференција „Инклузивни методи во образованието“

Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово денеска организираше завршна конференција која се одржа во Занаетчискиот дом, а е во рамки на проектот „Инклузивни методи во предшколска настава за деца со мигрантско потекло“. Проектот ЦИД го реализираше изминативе две години, заедно со уште 10 партнери од различни држави од Европа. На денешната конференција претставници на различни институции, невладини организации, ученици и наставници дискутираа за инклузивните методи во образованието.

-Гледаме дека со овие активности што ги спроведувавме досега сепак јазикот не ни бил пречка за да си соработуваме. Многу беше важно и за нас да ги вклучиме сите деца неважно дали се со посебни потреби или не, многу беше важно дека сакаат да работат заедно. Како што гледаме резултатите од нашата држава особено сме многу задоволни, имаме финален продукт од ова кој ќе се објави на македонски јазик а исто така и активностите што ги спроведувавме со овие две училишта многу сме задоволни што учениците сакаат да соработуваат, благодарение на она што го реализиравме-истакна Нами Исаки, координаторот на проектот.

Во рамки на проектот, Центарот за интеркултурен дијалог оствари соработка и реализираа неколку активности со основните училишта Вук Караџиќ и Наим Фрашери, кои изведуваат настава на македонски и албански јазик.

-Ова беше почеток на еден процес на взаемно поврзување, вмрежување и заеднички активности особено битен и за наставниците и за учениците. Сега првичните реакции ги коментирам со наставниците, како учениците го доживеале тоа, рекоа дека биле презадоволни и пресреќни и дека немало јазични бариери и сметам дека во иднина е многу важно да ги подржиме активностите од овој тип бидејќи на некој начин придонесуваат за поголема интеграција и инклузија на сите субјекти во воспитно образовниот процес-нагласи Ана Попризова, психолог во гимназија Орце Николов од Скопје.

Проектот „Инклузивни методи во предшколска настава за деца со мигрантско потекло“, е дел од Еразмус плус К3 програмата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)