Црвен крст со акција во училишниот двор на Студена Бара

Волонтерите од Општинската организација Црвениот крст Куманово поставуваа лулашки и клупи за децата од подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Студена Бара. Тие  воедно го одбележаа и Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Училиштето во селото го посетуваат единаесет ученици распоредени во две паралелки од прво до петто одделение, а наставата е комбинирана.

– По повод Светскиот ден на Црвен крст и Црвената полумесечина ОО на Црвен крст Куманово преку ПХВ проектите односно промоција на хумани вредности „Црвен крст во акција“ денеска поставуваме лулашки и клупи за децата од подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Студена Бара. Денеска се копаа дупки за лулашките и клупите, а очекуваме да пристигнам уште донации за да се биде финиширано –  вели Сања Росевска, координатор на проектот.

Во проектот се вклучени околу дваесетина волонтери кои преку различни активности дадоа свој придонес. Нивната мотивација е да им помогнат на децата од Студена Бара кои слободното време ќе го искористат за забава во училишниот двор

-Наша примарна цел е да го подобриме изгледот на оваа училиште и во наредниот период ќе се потрудиме што е можно повеќе да помогнеме на изградба на оваа училиште и подобрување на условите за да можат учениците да ја следат наставата –  објаснува Филип Кузмановски, волонтер во ОО  на Црвен крст Куманово.

Од училиштето  најавуваат дека детското катче од септември ќе го збогатат со дополнителна детска опрема која е донација доделена од ромската организација „Даја“.

-Целта е да им се овозможи на децата да имаат едно пријатно и забавно катче каде можат да го поминат својот училишен ден. Од име на училиштето ги поздравувам волонтерите кои несебично вложуваат труд и да им го честитам Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и се надевам дека вакви акции ќе продолжат и понатаму – Миле Јордановски, професор по физичко образование во ОУ „Браќа Миладиновци“

Секоја година општинаската организација на Црвениот Крст избира различни локации на кои им укажува помош. Минатата година волонтерите организирале акција за интернатот во селото Драгоманце кое е во состав на основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)