Членовите на Здружението на угостители „Бисер“ побараа поддршка од пратениците и локалната власт

Членовите на Здружението на угостители „Бисер“ од Куманово денеска се сретнаа со дел од пратениците и претставниците на локалната власт, при што побараа поддршка за надминување на тешката економска состојба во која се наоѓаат веќе една година поради коронакризата.

Претседателот на здружението Тони Димитриевски, апелираше од народните претставници да помогнат да се одблокира Собранието, да се донесе петиот пакет на економски мерки и итно да се додели посебна финансиска помош за секторот, за да се зачуваат работните места.

„Ние добивме одредена помош, но тоа беше главно во бескаматни кредити кои мораме да ги враќаме. Повеќе од една година не работат рестораните за свадби, а колегите имаат трошоци и мораат да ги плаќаат сите давачки кон државата. Секогаш кога се носат рестриктивни мерки, ние сме први на удар. Иако имаше ветувања дека ќе добиеме поголем помош, ништо од тоа не се реализираше. Бараме да се најде политичка волја и да се изгласа законот, затоа што сите сме на крај на силите и размислуваме да затвориме. Вака сите пропаѓаме. Се обративме до Владата, а тие не упатија на пратениците, бидејќи од вас зависи кога ќе се изгласат мерките. Затоа бараме и апелираме што поскоро да ни помогнете“, рече претседателот Димитриевски.

Барањата на угостителите ги слушнаа само пратениците Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ и Иљми Азири од Алијансата на Албанците, додека пратениците на СДСМ Мартин Костовски и Лидија Тасевска, Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, Арбер Адеми од ДУИ, кои биле поканети не дојдоа на средбата.

Пратеникот Петрушевски, рече дека како опозиција даваат целосна поддршка за донесувањето на пакетот економски мерки, но нагласи дека тоа не зависи од нив, туку власта. Побара од сите пратеници независно од која политичка партија се, од позиција или опозицијата да лобираат за помош на најзагрозените дејности во својот град.

Пратеникот Иљми Азири од Алијансата на Албанците, партија која го кочи донесувањето на петиот пакет на екононски мерки со ултиматумот прво да се донесе Законот за државјанство, се правдаше дека вината е кај власта, затоа што законот оди во редовна, наместо по скратена постапка, а не го ставиле на дневен ред ни кога се носеше Законот за попис и измените на Изборниот законик.

Градоначалникот Максим Димитриевски и претседателката на Советот Атина Мургашанска, кажаа дека тие во нивните законски можности веќе помогнале угостителите да не плаќаат закуп за јавна површина, а намалена беше и фирмарината за минатата година. Најавија дека ќе предложат и дополнителни мерки како што се ослободување од плаќање на смет и закуп на општински деловен простор, додека трае забраната за работа.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)