Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот настан посветен на Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април, во организација на Претседателот на државата, Стево Пендаровски посочи дека согласно новата Концепција за основно образование, ромската заедница го изучува својот мајчин јазик преку изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“, од трето до деветто одделение. Истиот е застапен во 6 општини, а наставата моментално ја следат над 2.500 ромски ученици.
„Веќе 5та година по ред во основното образование, ангажираме ромски образовни медијатори, кои, во непосредна комуникација со ромските семејства и особено со младите од тие семејства, успеваат да одржат висока стапка на премин во погорни одделенија на образование и премин кон средните училишта. Од оваа година, предвидено е медијатори да има и во средните училишта и тоа се уредува во новиот Закон за средно образование кој е во подготовка“, додаде Шаќири.
Во 2023 година, Министерството за прв пат обезбедува средства за ангажирање на педагошки помошници за ученици Роми во основно образование, кои ќе помогнат за полесно совладување на наставната материја по која ромските ученици покажуваат послаби резултати. А за прв пат годинава се обезбедува и буџет за поддршка на повозрасните Роми кои го немаат комплетирано своето основно или средно образование, за да се стекнат со соодветни квалификации, заради успешен настап на пазарот на трудот.