Шеесетина културни манифестации предвидени за годинава

Шеесетина манифестации се предвидени во годишната програма за култура за годинава, информираат надлежните од секторот за култура. За манифестациите, општина Куманово одвои 14 милиони денари. Дел од настаните општината ги организира директно, а дел преку делегираната надлежност. Традиционално се одбележуваат државните празници,  се организираат манифестации наменети на верските, религиозните, етничките заедници.

-Нормално, во годишната програма се предвидени и други финансиски средства, како што е поддршка на млади таленти или публицирање на одредени монографии или некои списанија од областа на културата кои што ја засегаат општината или локалната заедница. Имаме и некои новитети, пример оваа година предвидуваме да организираме цртање на графити и мурали на одредени места или локации. Ова спаѓа во еден дел на субкултурата и младите на возраст од 18 до 30 години  ќе имаат можност да творат, изјави Цоки Ристовски, Сектор за култура во општината

Доколку заради било каква причина дел од предвидените културни манифестации не се одржат, средствата што биле наменети за нив, ќе се пренаменат за други настани што ќе се организираат во идниот период, посочуваат од секторот за кулура.

– Заради здравствената или епидемиолошката состојба во Републикава, дел од тие манифестации можеби нема да се одржат или ќе се одржат во помал обем, но, тие финансиски средства кои што не се искористени бидејќи манифестациите не се одржале, а се предвидени, се пренаменуваат за некои други културни настани или манифестации кои што понатаму ќе се организираат. Ние сме свесни како општина и како сектор за култура дека еден дел од овие манифестации можеби воопшто нема да се одржат или ќе се одржат во помал обем, но ние не можеме да ги прескокнеме државните празници, верските или етничките заедници кои по законот им припаѓаат или за нив се наменети, изјави Ристовски.

Поради пандемијата, минатата година реализирани се 50 проценти од предвидената програма за културни манифестации, а останатите активности или не се одржале или пак настаните симболично биле одбележани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)