Шестмина новозаболени жители на Липково од коронавирусот

Шестмина новозаболени жители на Липково од коронавирусот од вкупно 52 на ниво на државата регистрира министерството за здравство за само едно деноноќие. 26 се во Скопје и тоа најголем дел од Гази Баба, Студеничани, Сарај и Чаир, 10 се од Тетово, седум од Штип и останатите по неколкумина од други градови.

Во последните 24 часа како последица на компликации од ковид 19 починале четворица пациенти, двајца од Скопје, по еден од Велес и Тетово, на возраст од 73, 76, 82 и 55 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и 30 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 27.684 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 124 тестирања се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи, при што се регистрирани четири позитивни случаи во градинки и еден во геронтолошки завод.

Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487. Она што загрижува последниве денови  откако беше укинат полицискиот час и се олеснија рестриктивните мерки, е неносењето заштитна маска и не држење растојание од два метра, рече на прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека доколку постои потреба повторно ќе бидат воведени рестриктивни мерки. 

-Уште еден проблем со кој се соочуваат здравствените власти е одбивање на соработката од страна на пациентите кои што често даваат лажни податоци, непочитување на мерката за самоизолација и лична заштита. Барам поголема ажурност од страна на МВР во делот на контроли и санкции. Мојата порака е дека повторно ќе воведеме рестрикции на некои места со оглед на бројот на дијагностицирани, доколку има потреба, изјави Венко Филипче, министер за здравство

Министерот Филипче нагласи дека не може вечно да живееме затворени и апелираше да се спроведуваат заштитните мерки, а МВР да ги зголеми контролите, но и санкционирањата на несовесните граѓани.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)