Штрајк во ФЗЦ

Прекинат е процесот на производство во фабриката за заварени цевки и профили „11 Октомври„. Вработените во ФЗЦ од утрово протестираат заради 10 неисплатени плати и придонеси. Тие денеска блокирајќи го влезот на фабриката не дозволија надлежните да влезат во управната зграда. Заостанатите плати ги бараат од актуелното раководство.

– Ние со Квалитет -пром немаме ништо, Квалитет-пром на овие луѓе ништо не им е должен. На фабриката е должен Слободан Богдановски, извршен директор, кој е должен  на вработените 9,5 плати и ние ги бараме од него, тој ни ветуваше дека ќе ни даде плата ние да почекаме, да најде купувач,  фабриката да биде во кондиција, да се зачува фабриката, ние цело време му верувавме, изјави Слободан Јовановски, член на Синдикат во ФЗЦ

Последната плата ја зеле во април, а претходно 4 месеци работеле без пари. Според изјавите на вработените, мнозинскиот пакет акции е купен за 1 милион и 900 илјади евра,  по 550 денари за акција, а ФЗЦ вкупно им должи 3 милиони евра на 736 работници.

-Ние бараме заработени плати, имаме цевки, имаме производ,  9.000 тони цевки , барем тоа да се продаде и да ни се исплати плата, ние не бараме доброволна помош, туку она што сме го заработиле. Не бараме од новиот газда да ни плати, добивме известување дека не смееме да продаваме основни средства, но можеме да продаваме готов производ, изјави Марјан Серафимовски, вработен во ФЗЦ

– Имам свои акции во фабриката 100, јас потпишав за да биде фабриката како што треба, ми ги држат акциите 10 години, а не сум земал ниту денар дивиденда. Со него сум бил многу близок, но дојде време да се раскараме, јас сум акционер во фабриката како и многу други колеги, болен сум, има луѓе кои умреа од глад, изјави Благоја Јовановски, вработен и акционер во ФЗЦ

Најголем број од вработените во ФЗЦ се постари од 50 години. Освен заостанатите плати, тие бараат и решавање на проблемот со здравственото осигурување бидејќи имаат потреба од континуирани терапии.

 – 25 години по 10 денари платата не е зголемена, немаме здравствено осигурување, еден колега за леб почина, 40 години работеше на пакување, најдобар работник беше, по контејнери собираше. Сака по 550 денари да ги продаде акциите, ако не, вели дека ќе ги  отпушти работниците, изјави Исмаил Исмаиловски, вработен во ФЗЦ

Наспроти работниците, извршниот директор на ФЗЦ Слободан Богдановски вели дека сите нивни проблеми ќе бидат решени наскоро со влегување на мнозинскиот акционер во фабриката „11 Октомври“. По Законот за работни односи, тие се вработени и треба да ги извршуваат работните обврски, во спротивно ќе следуваат санкции. Со прекинување на процесот на производство тие нанесуваат штета не само на фабриката, туку и на акционерите што се надвор од ФЗЦ, изјави за телевизија Плус, Богдановски.

Инаку, вработените велат дека ќе протестираат додека не ги добијат заработените плати.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)