Шумски пожари вчера на неколку локации

Над десет интервенции бележат кумановските пожарникари во текот на вчерашниот ден, претежно на шумски пожари и запалена сува трева.

Борова шума горела во село Биљановце, каде што делувале четворица пожарникари. По час и половина борба со пламените јазици, пожарот бил локализиран.

Нискостеблеста дабова шума и сува трева гореле и во атарот во Општина Липково. Во гаснењето на пожарот учествувале двајца пожарникари од ТППЕ Куманово и седуммина  вработени во Шумско стопанство Куманово. Интервенцијата започнала во 08:50 часот, а конечно огнот бил ставен под контрола околу 12 часот. Како што стои во билтенот на Регионалниот центар за управување со кризи, изгорена е површина од 50 хектари.

Околу три хектари нискостеблеста шума и сува трева изгореле во атарот на селото Скачковце. Четворица вработени од Македонски шуми, подружница Куманово таму интервенирале повеќе од четири часа.

Нискостеблеста шума и сува трева на површина од 10 хектари изгореле и во селото Габреш. Таму исто така интервенирале четворица вработени на ШС Куманово.

Околу 09:05 часот двајца пожарникари започнале со интервенција на запалена сува трева во близина на репетитор спроти Спомен Костурница. Интервенцијата била завршена по половина час.

Сува трева горела и покрај автопатот Куманово – Скопје, во близина на Агино село. Таму интервенцијата траела околу еден час.

Запалена сува трева кумановските пожарникари гаснеле и во атарот на селото Романовце. Тројцата пожарникари интервенцијата ја започнале околу 14 часот, а огнот успеале да го изгаснат еден час подоцна. Во истото село кај месноста Манастир, било интервенирано на запалена сува трева од 15:00 до 17:00 часот.

Коментари

коментар(и)