Јавен час на „Студио Серафимовски“

Во Центарот за култура вчеравечер се одржа завршниот концерт на музичкото училиште, едукативниот центар „Студио Серафимовски“ насловен како Јавен час. На завршниот час големиот број на ученици за прв пат во своето музичко образование настапија пред публика и покажаа што научиле во текот на часовите за време од една година. Пред присутните настапија триесетина ученици кои што се под менторство на професорите Боби Серафимовски, оние што свират гитара или кларинет, професорките Милена Гиевска и Биљана Костадинова, оние кои што свират виолина, Филип Антевски, професор по клавијатура и тапани и Дарко Тодоровски, професор по соло пеење и специјал клавир. На завршниот концерт покрај родители и љубители на музиката, присуствуваа и истакнати професионални музичари кои што го проследија разноликиот и богат спектар на композиции.

-Во нашиот град има многу таленти и морам да кажам дека овдека родителите и сите гости ќе имаат прилика да ги слушнат младите кумановски таленти кои што очекуваме понатаму да израснат во врвни музичари, вели Боби Серафимовски, професор во „Студио Серафимовски“

Професорот Серафимовски истакна дека идејата на едукативниот центар е да им се овозможи на учениците покрај учењето на класичната музика и основите на музичкото образование да се запознаат со нови начини на учење и изведување на народната музика, џезот, смут џезот, инструменталната музика со што крајната цел би била методологија која што би го правела студиото препознатливо. Серафимовски е задоволен што младите ученици покажуваат афинитети кон инструменталната музика и на тој начин започнуваат да го градат своето музичко искуство.

-Посебно ми е задоволство што млади момчиња кои се во Основно училиште имаат интерес за ваков тип на музика иструментална и џез така што работиме и џез стандарди. Јас сум изненаден пријатно колку младите талентирани, наши сограѓани, дечиња влегуваат во тој џез фазон и она што значи светски стандард на џез музика, вели Боби Серафимовски, професор во „Студио Серафимовски“

Од едукативниот центар исто така посочија дека изборот на одреден тип на музика од младите музичари зависи од многу фактори. Според нив желбите на учениците воглавно се движат во сооднос со музичките трендови кои што постојат на светско ниво.

-Зависно од инструментот кој го посетуваат или го свират, хармоникашите се ориентирани на староградска народна музика, гитаристите најверојатно поради професорот се ориентираат на џез музиката блуз музката, меѓутоа поп музиката е најбарана во нашите простори, Фросина Серафимовска, директор на „Студио Серафимовски“

Младите ученици кои што веќе една година се занимаваат со музика го искажаа своето задоволство што веќе знаат да свират на музички инструмент. Според нив музиката го нуди заедничкото искуство на работа и задоволство.

-Јас свирам гитара и тоа ми е љубов од малецка многу сакав да свирам гитара, цртав гитари по дома, лепев гитари, барав гитари и еве се запишав на гитара, вели Иларија Илиевска, ученик

-Јас се занимавам веќе една година,а отсекогаш ми била интересна музиката. Премногу сум задоволна, вели Олгица Серафимовска, ученик

Големиот спектар на композиции кои што припаѓаат на различни музички жанрови остави силен впечаток кај присутните гости, така што се очекува и за наредните концерти на „Студио Серафимовски“ да има голема заинтересираност.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)