Јакимовиќ: Не можеме да чекаме уште 27 години

Не можеме да чекаме уште 27 години, време е за одлука и да изградиме држава по европски правила и стандарди, рече денеска на прес конференција Благојче Јакимовиќ, член на Советот на Општина Куманово од редовите на НСДП.

Со отварање на преговорите со ЕУ и исполнување на домашните обврски и реформи, како што рече Јакимовиќ, се создава функционална држава во која владее редот и законот и каде институциите се сервис на граѓаните.

– Зачленувањето во Европска унија е позитивна промена која ќе резултира со изградба на европско општество. Низ оваа трансформација со поддршка од Европската унија ќе обезбедиме независно судство, слободни медиуми, професионална јавна администација, подобро и подостапно здравство, поквалитетно образование и безпоштедна борба против корупцијата. Сите ние знаеме дека договорот го постигнавме преку тешки преговори со кои дојдовме до прифатливо решение за двете страни. Свесни сме за влогот и знаеме дека ова е најдобро можно и фер решение за граѓаните на Република Македонија, рече Јакимовиќ.

Како што додаде советникот, ова е реален влог во иднината на нашите деца, а со успешен референдум Европа ја носиме во Македонија.

– Успешен консултативен референдум значи дека огромно мнозинство граѓани кои ќе излезат да гласаат на гласачките места ќе изберат „за“, затоа секој граѓанин треба да излезе да гласа и за тоа да одлучува за иднината на Македонија. Само тие кои ќе излезат на 30ти септември ќе имаат можност да одлучуваат. Нивниот глас ќе се слуша само со излегување и со гласање може да се влијае врз одлуката, затоа на 30ти септември да излеземе масовно и заедно да одлучиме за нашата иднина, вели Јакимовиќ.

Референдумот ќе се одржи во недела, а веќе во четврток на полноќ започнува референдумскиот молк. Резултатите од рефенредумот ќе бидат консултативни.

Коментари

коментар(и)