Јовановиќ: „Крсте Мисирков“ ја заслужи наградата!

Дваесетина проекти, околу триста награди освоени на општински, регионални, државни  и меѓународни натпревари, 35 наградени наставници и голем број обуки е само дел од она што го одбележува основното училиште „ Крсте Мисирков “ кое што годинава е добитник на најпрестижното општинско признание – Ноемвриска награда, по повод 75 години од ослободувањето на градот и јубилејот пет века постоење на Куманово. Ова е трета Ноемвриска награда за првото училиште во Куманово со настава на македонски литературен јазик.

Претходните две награди училиштето ги добило во 1971 и 1988 година.

Директорот на училиштето, Александар Јовановиќ  смета дека Ноемвриската награда ќе биде поттик да продолжат уште понапорно да работат за да го оправдаат најпрестижното општинско признание.

-Бевме единствени претставници на Светско училишно првенство во атлетика во Сплит, учествувавме и на Светска додела на награда за најдобра песна за мирот, потоа во нашето училиште беа реализирани 20 проекти, подржани од МОН, ФИТР, УНИЦЕФ, ЦИД итн. Во училиштето реализиравме проекти, како што се Графити фест во соработка со многу невладини организации и здруженија, 270 награди освоени на училишни, општински, зонски, меѓузонски, државни и меѓународни натпревари, 35 наградени наставници од кои петмина особено наградени наставници и еден наставник прогласен за најдобар на екс ју-просторите. Откако менаџирам јас со училиштето аплициравме и на меѓународни Еразмус плус проекти и тука да ја истакнам меѓународната соработка, имавме гости од Република Турција, така што на сите полиња на 21 обука -семинари учествуваа наставниците од училиштето и сите овие активности кога ќе се пребројат мислам дека заслужено ја добивме наградата, како што реков посебно драга за нас, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“

Општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ наградата ја доби за долгогодишната успешна реализација на воспитно-образовниот процес, реализација на голем број воннаставни активности во повеќе сфери и реализација на проекти за што сведочат наградите на учениците и наставниците.

-Во оваа награда не сум вклучен само јас, туку целиот колектив, сегашните ученици и претходните, сегашните наставници и наставниците кои што претходно предавале во ова училиште. Придонес во оваа награда имаат дадено претходните менаџери, раководителите на училиштето и сегашниот менаџер, така што сите ние заедно сме придонеле да ѕидовите на ова училиште ги краси и третата Ноемвриска награда, изјави Јовановиќ.

Во меѓувреме, училиштето продолжува со тековните активности. Како што информира Јовановиќ, во завршна фаза е проектот за мултиетничка интеграција со партнер училиштето „Битолски конгрес“ во село Лопате во рамките на кој се изготвува прва туристичка мапа на Општина Куманово, на три јазика, македонски, албански и англиски.

Она што случува  неделава во училиштето се меѓу училишните и училишните натпревари за учениците од прво до деветто одделение, во рамките на одбележувањето на патрониот празник на „Крсте Мисирков“. Свечена приредба по повод  71 година од постоењето на училиштето ќе се одржи во салата на Занаетчискиот дом во петок (15.11) со почеток во 17 часот, информираат надлежните.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)