Јовановски: Да се обезбеди пристапност за лицата со инвалидитет

„ Да ги промовираме и унапредуваме човековите права, да работиме сите под еднакви услови да можат да си ги остварат своите со Устав и закон загарантирани права, да ги елиминираме дискриминацијата, тортурата, не хуманиот третман, да помогнеме во создавањето на услови за еднаков пристап до правото и правдата за сите“ , порача преку соопштение Народниот правобранител по повод 10 Декември, Светскиот ден на човековите права. Тој упати апел до властите, институциите доследно да ги спроведуваат законските прописи да овозможат еднаков третман за сите, затоа што само така ќе може да се каже дека навистина е изградено „Едно општество за сите”.

Во врска со човековите права, со акцент на правата на лицата со инвалидност претседателот на здружението Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски смета дека во РМ  тие во одредена мера се почитуваат, но дека нивото на грижата секогаш може да биде подобрено. За секое лице со телесен инвалидитет треба да има пристапност до сите институции, установи, јавно прометни површини и слично.

-Во 2006-та година се донесе Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност при ОН, која ги третира прашањата и проблемите на овие лица како прашања на човекови права. Ако локалните самоуправи во нашето опкружување не овозможиле пристапност, тоа е класично кршење на човековите права бидејќи тоа лице не може дa се движи самостојно , не може да партиципира во сите сфери на општеството, а она за што ние се бориме и залагаме е токму да од образованието, значи од најмлади години преку вработувањето и останатите елементи на социјална инклузија бидат пристапни и достапни за овие лица, изјави Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија

Јовановски посочува дека со Секторот за урбанизам и комунални дејности во Општина Куманово последниве триесетина дена организирале неколку состаноци кои резултирале со неколку нацрти за подобрување на состојбата во Куманово , односно обезбедување повеќе пристапни патеки во централното градско подрачје и обележување на паркинг простори таму  каде што треба и на начин на кој тие правилно треба да бидат обележани.

-И нема да апелираме на тоа веднаш работите да бидат направени, свесни сме дека не може, буџетите на општините тоа веројатно не можат да го издржат , меѓутоа со реновирање на секоја улица може да се пристапи кон пристапност бидејќи таа не кошта ништо во тој случај, или при градење на нови згради, станбени, деловни објекти само да се почитува Законот за градба и ние би биле задоволни, изјави Бранимир Јовановски, Мобилност Македонија

На 10 декември пред 70 години, земјите членки на Обединетите нации одлучиле на хартија да ги стават постулатите на човековите права и тој документ да го наречат Универзална декларација за човековите права. Од тогаш овој ден симболично се одбележува како Меѓународен ден на човековите права, како ден кој служи како потсетник дека секое човечко суштество заслужува почит, достоинствен живот и еднаков третман.

Коментари

коментар(и)