Ќе се истражуваат Црквиште и Градиште

Археолошките истражувања на локалитетите Црквиште во селото Клечовце и Градиште во Младо Нагоричане годинава се двата проекта од областа на археологијате кои финансиски се поддржани од министерството за култура со годишната програма.

Во досегашните истражувања на локалитетот Црквиште откриена е една ранохристијанска црква која што настанала од богата римска куќа со бања, информира Дејан Ѓорѓиевски, археолог во Музеј Куманово.

-Оваа година имаме околу 250.000 денари за да направиме истражување околу самата црква , да видиме всушност што се случувало во непосредниот амбиент на црквата. Исто така ќе истражуваме на локалитетот  Градиште во Младо Нагоричане, само на еден сектор. Ние претходно истражувавме горе на највисокиот дел на некрополата каде што ги откривме сите тие ѕидови што за нас предизвикаа изненадување , малтер боен исто како што го има во Пела, во другите градови на Егејска Македонија. Сега ќе се спуштиме малку подолу на еден друг сектор каде што лани откривме остатоци од еден огромен масивен ѕид, за кој што претпоставуваме дека е постар од овие работи што ги најдовме горе на локалитетот и сигурно потекнува од еден репрезентативен објект. Се надеваме, ама тоа е пак само во сферите на надежта дека можеби се работи за некој храм или некоја палата меѓутоа токму поради тоа ќе истражуваме оваа година да видиме за што тие се мачеле да ги употребат тие камења да направат толку масивен ѕид во вид на градба, изјави Ѓорѓиевски.

За истражувањата на локалитетот Градиште , министерството за култура годинава предвиди околу 150.000 денари.

Инаку, како што информира Ѓорѓиевски, истражувањата, ќе започнат по изборите бидејќи договорите се уште не се потпишани. Штом се потпишат договорите и профункционира  финансирањето, археолозите од музејот се подготвени да излезат на терен.

Коментари

коментар(и)