Ќе се обезбедат нови паркинг места

Дополнителни 600 паркинг места во градот  наредната година најавуваат надлежните во јавното претпријатие „Куманово-паркинг“. Во завршна фаза се проектите за паркинг-просторот кај спортската сала, паркингот во близина на кружниот тек, а во наредниот период ќе биде пуштен во употреба и паркингот кај Градскиот стадион. Што се однесува до паркингот кај новоизградениот кружен тек, на влезот од градот,  тој е дел од проектот за изградба на кружниот тек, за кој општината одвои  19,7 милиони денари. 

Во овој дел од градот сместени се повеќе државни институции, меѓу кои и поранешниот Дом на АРМ кој го користи МВР за издавање на лични документи, ТППЕ Куманово, подрачни единици на повеќе институции. Паркингот опфаќа 650 метри квадратни.

-Моментално сме во припремна фаза и речиси се завршени проектите за паркинг просторот кој се наоѓа кај спортската сала, паркингот кај кружниот тек, односно кај пожарна веќе е подготвен, моментално се подготвува и документација околу тоа, мислам дека според тоа што имаме договорено најверојатно во јануари ќе бидат завршени, заради тоа што освен проект за паркинг што се прави, според процедурата следува ревизија на проектот, потоа дава согласност Општина Куманово, се бара согласност од страна на СВР Куманово, па потоа се оди на Совет на Општина Куманово и дури тогаш ние можеме да почнеме со стопанисување на тие паркинг простори. Исто така во преговори сме со Централна кооперативна банка за паркинг просторот кој се наоѓа кај Житомел, најверојатно после Нова година и тука ќе биде паркинг простор за администрацијата на општината, полицијата и на вработените во судот. Наредниот период следува исто пуштање во употреба на паркинг просторот кој се наоѓа пред Градски стадион во Куманово. Ние продолжуваме со проширување на паркинг простори во Општина Куманово и најверојатно тоа ќе ја опфати зона Б со што мислам дека и цените ќе бидат поевтини, се уште ги немаме формирано, меѓутоа според нашите анализи ќе биде донесен ценовник од страна на Совет на Општина Куманово и ќе бидат информирани граѓаните, изјави Фадиљ Шабани, директор на ЈП „Куманово-паркинг“

Директорот Шабани потсетува дека Општина Куманово годинава одвои средства за градење на времена катна гаража во центарот на Куманово. Во моментов „Куманово- паркинг“ располага со 500 паркинг места.

Коментари

коментар(и)