Ќе се огради транзитниот центар за бегалците

Да се огради транзитниот центар за бегалците, да се постави управител на кампот за да има контрола над влегување и излегување од него,  да се воспостави целосна контрола од страна на комуналната инспекциска служба и Агенцијата за храна на теренот кога станува збор за донирање на прехранбени производи, да се воспостави единствен центар за донирање на облека  со седиште  во Куманово  или  во Скопје каде што  сите хумани  граѓани и активисти  ќе донираат облека и обувки и понатаму да се распределуваат по потреба од самите бегалци, се само  дел од заклучоците што денеска ги донесе Регионалниот штаб за справување со кризи на состанок одржан во просториите на општинскиот Црвен крст. Овие препораки произлегоа од барањата на сите институции  и организации што се вклучени во штабот, Центарот за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Куманово, АРМ , министерството за земјоделство, месната заедница Табановце и Црвениот крст. Од Агенцијата за храна  немаше претставник.

Од Центарот за јавно здравје велат дека работат на превентивна дезинфекција на просторот каде што се задржуваат бегалците, а ја следат и ситуацијата со цревните заразни заболувања. Досега немале пријавен таков случај.

Присутните се согласија дека треба да се тампонира просторот каде што се движат бегалците и во кампот , но и просторот од граничниот појас на РМ до Р.Србија во должина од околу 500 метри по железничката линија , како и оградување на тој дефиниран простор со мрежа. Што се однесува до хигиената во Табановце кое е претворено во мала депонија , заклучено е во изнесувањето на сметот да се вклучи уште едно претпријатие од селото кое се занимава со таква дејност. Тука се мисли на сето ѓубре од текстил до најлон, велат надлежните. Се бара можност за дефинирање на простор каде што ќе се оставаат мигрантите кои се транспортираат со такси компании и со автобуски превоз бидејќи  вршат влијание и на патот и прават метеж  во селото  каде што дури и по час време се чека да се разминат меѓу себе, тука контролата мора да ја има полицијата, заедно со со граничната , сметаат  од Регионалниот штаб. Сите заклучоци  ќе бидат доставени до Главниот штаб на РМ и ќе бидат разгледани на седница во четврток. Инаку, Здружението за хумано домување Хабитат најави дека во наредниот период постои можност да се вклучи во обезбедување на привремено засолниште за да можат бегалците безбедно и пристојно да го поминат времето до нивното заминување кон Србија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)