Ќе се подобрува квалитетот на предучилишното образование

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“  во соработка со Општина Куманово денеска презентираше иницијатива на Европската комисија која ги одразува заложбите на земјите членки за подобрување на квалитетот и опфатот во предучилишното образование, воспитание и згрижување. Активноста е во рамките на едногодишниот проект насловен „Зајакнување на улогата на граѓанското општество во осигурувањето рамноправност и квалитет  во предучилишното образование, воспитание и згрижување“. Со оглед на тоа што општиот опфат на децата во предучилишното образование во Македонија е само околу 35 проценти, со иницијативата во рамките на образованието и обуката се предвидува до 2020-та година најмалку 95 отсто од децата на возраст од четири години до влез во задолжителното образование  да посетуваат предучилишно образование, воспитание и згрижување, а во рамките на европскиот столб на социјални права  се вели дека децата имаат право на квалитено и финансиски достапно предучилишно образование.

-Се работи за еден документ кој што е во фаза на усвојување и со тоа ќе стане обврзан за сите земји членки и кандидатки, а кој го дефинира квалитетот и обврските на сите држави и сите учесници, општините, градинките, граѓанскиот сектор за остварување на 95 процентен опфат на децата од четири години до поаѓање во основното образование и понатамошни размисли не само за подобрување на опфатот туку и за дефинирање на што е она што сите чинители треба да го прават како своја обрвска за да оствaриме еден систем на квалитетно предучилишно образование и воспитание. Тоа подразбира квалитетна работна сила, компетентни системи, еден функционален систем на следење и вредување и поефикасно и поефективно искористување на средствата и на управувањето со самиот систем и со установите во системот. Овој документ ќе стане обврзан за РМ некаде претпоставуваме во мај следната година и ние со оваа активност би сакале да ги информираме сите градинки и општини и да го слушнеме гласот на практичарите со какви предизвици се соочуваат и што би требало да се направи на ниво на држава, општина и градинка за да ние можеме ефикасно да се вклучиме во овој процес, изјави Елена Мишиќ, Фондација за образовни и културни иницијативи -Чекор по чекор Македонија

За разлика од опфатот на децата во предучилишно образование, воспитание и згрижување во Македонија кој што отсекогаш бил мал, што се однесува до квалитетот, тој е на многу високо ниво, потенцираат надленжите од фондацијата „Чекор по чекор“.

– Фондацијата „Чекор по чекор“  веќе 20- 25 години работи на ова поле и можеме слободно да тврдиме дека од сите потсистеми за образование можеби квалитетот е највисок во предучилишното, но тој сега се наоѓа во една ситуација, самиот систем на проширување и наша грижа е на сите нас и на граѓанскиот сектор, експертската јавност да се погрижиме при ова масовно проширување да не го изгубиме квалитетот.

Проектот „Зајакнување на улогата на граѓанското општество во осигурувањето рамноправност и квалитет  во предучилишното образование, воспитание и згрижување“  е финансиран од Европската унија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)