Во текот на наредната година целосно ќе се реконструира Спомен Костурницата најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој заедно со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и директорката на Управата за заштита на културно наследство Елеонора Петрова Митевска, денеска го посети овој значаен историски споменик. Министерот информираше дека стручен тим формиран од националниот козерваториски центар детално детектирал дека е оштетена конструкцијата, мозаичните плочки на пристапните скали и централното плато. За таа цел ќе се изработи проект за целосна конзервација и реставрација на сите елементи.
-Нашите служби и установи во текот на овој период ќе ги извршат сите потребни подготовки во согласност со законската постапка. Спремни сме проектот да го реализираме доколку биде готов со зголемени средства од ребаланосот веќе од веќе од втората половина на 2018-та но во секој случај ќе го реализираме во 2019-та. НОБ е нераскинлив и особено важен дел од нашиот идентитет и државност. Сите борци кои паднаа за слободата на Куманово и целата Македонија се најзаслужни за државата која денес ја имаме. Со големите дела тие не само што не задолжија туку заслужуваат максимална и длабока почит и ние токму со зачувањето на овој комплекс и со неговото обновување ќе ја изразиме таа почит-нагласи Алаѓозовски.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова Митевска посочи дека Спомен Костурница е еден од спомениците кој треба да го носи називот значајно културно наследство на државата. Нагласи дека управата работи на тоа покрај овој споменик, значајниот назив да го добијат и споменикот на малиот плоштад, симболот на Куманово, Занаетчискиот дом.
-Управата оди во насока сите споменици на култура кои се на територија на градот да бидат реваловизирани во културно наследство. Вреди да се спомене црквата Свети Никола, спомен куќата на Карпош, џамијата Синан бег, кои се исто така споменици на културата и му припаѓаат НА Куманово. Што се однесува до Спомен костурницата управата ќе направи се што е во нејзина моќ технички и правно да ги поткрепи и помогне и републичкиот завод за заштита на споменици на култура во конзервацијата и на министерството да се реализира проектот во Куманово што побргу-дополни таа.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски посочи дека општината заедно со јавното претпријатие Чистота и Зеленило веќе неколку пати презема акции за чистење и уредување на овој локалитет, но не и во одржувањето на споменикот бидејќи тоа е во надлежност на државата. Тој ја поздрави инцијативата на Владата и нагласи дека општината е подготвена да се вклучи во проектот во делот на градежните активности до пренамена на средства од буџетот.
-Овој објект е импозантен, од особено значење за Општина Куманово, тука се коските на нашите предци и се надеваме дека во следниот период истиот ќе го вратиме да сјае со ист сјај како во минатото. Како што знаете веќе воведовме смена на дежурство за чистење на објектот, за жал однесувањето на несовесните граѓани е такво какво што е, во континуитет се крши урбаната опрема, во континуитет се крши приодната рампа на влезот на објектот, но нема да се предадеме, ако треба дополнително ќе ангажираме и приватна агенција за обезбедување да го пазиме самиот објект, веќе беше направена дезинфекција, дезинфекција и дератизација на самиот простор во меѓувреме отпочнавме со хортикултурно уредување на просторот и нема да запреме тука, ќе продолжиме се до моментот додека целосно не го ставиме во функција-истакна Димитриевски.
Димитриевски информираше дека општината планира на овој локалитет да направи спортски, трим патеки, шеталишта, а со министерството преговараат и за изградба на амфитеатар од отворен тип. Спомен костурницата е изградена во 1957 година по повод 11 Октомври, денот на востанието на македонскиот народ. Дело е на архитектот Зордумис и вајарот Сретен Стојановиќ. Се состои од обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во Народноослободителната војна од Куманово и Кумановско.