Ќе се уриваат дивоградби во Средорек

Отпочнати се градежните работи во рамките на реализацијата на првата фаза за регулација на речното корито. Поради проширување на речното корито согласно планот за градба и проектот, градоначалникот Максим Димитриевски на вчерашниот отчет пред јавноста за сработеното во едногодишниот мандат најави уривање на дел од нелегално изградените објекти во Средорек.

– Во тек е изградба на мал парк пред влезот на јавното претпријатие Водовод. Имаме во план да ја завршиме првата фаза во целост. Во тек е промена во делот на планираните градби со оглед дека во населбата Средорек ќе мора одредени објекти да бидат дислоцирани бидејќи истите се дивоградби и доколку сакаме да имаме уредено речно корито ќе мораме да пристапиме да го реализираме онака како што е планирано согласно планот за градба и проектот. Тоа значи рушење на дел од објектите на јавното претпријатие Водовод , но исто така и проширување на речното корито кон страната на населба Средорек. Барам разбирање од нашите сограѓани. Ќе се обидам во овој период да изнајдам начин заедно со сите нив да истите не ги оставам без кров над глава, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Што се однесува до импровизираниот мост изграден самоиницијативно од жителите во близина на Мај маркет, Димитриевски посочи дека тој мост досега е уриван неколку пати од страна на општината, но граѓаните повторно го градат.

– Мостот кај Мај маркет е класична дивоградба и тој мост го срушивме пред неполн месец , но повторно е изграден. Се соочуваме со една сеопшта  граѓанска непослушност на таа локација и знаете кога многупати ќе излезете да го чистите речното корито ќе се соберат 100, 200 граѓани кои што негодуваат  нормално е дека нема да одите против своите граѓани и со тоа и без тоа ќе функционираме, но треба да ги менуваме навиките. Пристапивме на изнаоѓање на урбанистичко решение. Кога е правен планот за изградба на речното корито на тие локации не се планирани мостови , а реално граѓаните имаат потреба од нив. Некои граѓани заобиколуваат километри и километри само за да ја поминат реката на дваесетина метри. И тие локации кај што веќе постојат мостови општината ќе се обиде да го измени планот да вцрта локации за поставување на мостови и да постави современи, безбедни мостови пешачки каде што ќе може непречено да се поминува. Воедно сето она што е изградено во фаза на дивоградба ќе се обидеме да го срушиме. Тој посочен мост од страна на општината досега е рушен четири пати и повторно е граден, изјави Димитриевски.

Димитриевски потенцираше дека сите дивоизградени мостови ќе бидат урнати, а согласно план, општината ќе постави безбедни пешачки мостови бидејќи реално граѓаните имаат потреба од нив.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)