Активности од проектот „ BEST“во Франција

Промовирање на еднаквост во образованието на сите што се вклучени во него без разлика дали станува збор за ученици со посебни образовни потреби или не, зголемување на вештините што ги имаат наставниците за да работат со овие деца, но и запознавање на луѓето  од другите држави заради  понатамошна соработка и разменување на идеи, се дел од целите на проектот „  BEST  “ што го реализираат дневниот центар „Порака наша“ , основното училиште „Толи Зордумис“  и средното „Киро Бурназ“ , заедно со уште четири партнер организации и училишта. Во рамките на проектот „Најдобри ученици преку најдобри професори“   претставници од Куманово се вратија од Франција  надевајќи се дека реализацијата на овој проект ќе помогне самата инклузија како процес да се унапреди практично. Дефектологот во „Порака наша“ , Фросина Симоновска посочува дека со подигање на јавната свест треба да се укаже на тоа дека на секое дете местото му е во инклузивна општествена средина.

-Она што ние го заклучивме во Париз е дека навистина и во двете земји ни се потребни дефектолози како профили кои што можат да излезат во пресрет на децата со посебни образовни потреби, потребни ни ни се асистенти во наставата кои што ќе го потпомогнат самиот инклузивен процес и потребни ни ни се нагледни средства и нагледни материјали со што самите содржини наставни би биле полесни за совладување. Заклучивме и разговаравме многу во однос на јавната свест, заклучивме дека треба да се подигне јавната свест  со што ќе се трасира патот каде што различноста ќе биде прифатена како дел од еден општествен процес, изјави Фросина Симоновска, дефектолог во „ Порака наша“

На работилниците во Франција се разговарало за тоа кои алатки , форми и методи наставниците ги користат и кои начини би им помогнале како полесно да препознаат дете со посебни образовни потреби и кај одредена категорија што треба да применат за да достигнат некој поголем успех, вели проектниот координатор од основното училиште „ Толи Зордумис“ , Наталија Спасовска.

-Сите ние наставници во редовната настава се среќаваме со проблем кога во нашето одделение и во нашата регуларна паралелка имаме дете со попреченост . Тоа предизвикува некоков дисбаланс понекогаш затоа што тие имаат одредена потреба. Ние тоа не треба да го гледаме како некоја пречка или да го исклучиме тоа дете, напротив на нас ние потребно да обезбедиме некои алатки, форми и методи како полесно да се справиме со тие деца и како полесно тие да бидат прифатени од околината за да постигнат одреден успех и како околината да се навикне на нив, изјави Наталија Спасовска, проектен координатор

-Инклузија е процес кој што трае.  Со законот за основно образование во РМ родителите имаат право своето дете со посебни потреби да го запишат во редовно училиште, што значи ние сме должни да креираме училиште по мерка на самото дете. Должни сме да излеземе во пресрет на самите потреби и можности и потенцијали кои што детето со посебни потреби ги поседува , а не значи самата попреченост да биде третирана како медицинска категорија. Самата инклузија ќе биде индикатор за тоа што значи дискриминација и што значи  не еднаков пристап кога се работи за деца со посебни образовни потреби, изјави Фросина Симоновска, дефектолог во „ Порака наша “

Проектот е координиран од Француската национална асоцијација Култура 21, во кој освен Македонија и Франција, партнери се и организации и училишта од Полска и Романија.

Коментари

коментар(и)