„Ангел Шајче“ ја доби наградата „ Сајт на годината за 2018 -та “

Детската градинка „Ангел Шајче“  ја доби наградата „Сајт на годината за 2018-та“  во категоријата Најдобар сајт за владини/државни институции. Директорката на установата, Марина Алексовска посочува дека освен градинката, со наградата се гордее и целата општина. Инаку, веб страницата на „Ангел Шајче “ првпат беше промовирана во мај годинава на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј на детската градинка во Куманово.

-Тоа е голема гордост и задоволство на сите нас вработени во детската градинка„ Ангел Шајче“ . Нашата веб страна не е мртва,  таа е жива веб страница која што секојдневно ја ажурираат и надополнуваат наши вработени со сите активности кои што се реализираат во установата. Всушност,  граѓаните имаат увид на тоа што ние работиме секојдневно со нивните деца. Голема чест е тоа што ние не се самокандидиравме, не се самономиниравме за Сајт на годината туку не знам од кои причини на некој на кого му се допаднал нашиот сајт го номинирал. За тоа бевме подоцна информирани и што ни е уште поголемо задоволство што ние не сами да се промовираме како тоа дека имаме добра веб страница туку тоа доаѓа од други луѓе. Кога ни се јавија дека сме победници задоволството беше огромно. Да се биде победник Сајт на годината во категорија на државни и владини институции е голема чест и голема гордост и големо задоволство, изјави Марина Алексовска, директор ан ЈОУГ „Ангел Шајче“

Сајт на годината има за цел да ги истакне и награди најдобрите сајтови во изминатата година во повеќе категории, и да го вреднува трудот на големиот број млади и талентирани автори од повеќе области кои работат во веб издаваштвото. И деветтото издание на манифестацијата што се одржа во ЕУ Инфо центар каде што беа доделени наградите е организирана од дигиталната маркетинг агенција Media Solutions.

Инаку, градинката „Ангел Шајче“ во меѓувреме продолжува со своите активности.  По повод новогодишните празници, а согласно годишната програма од утре започнува пречекот на Дедо Мраз во сите осум објекти со кои што располага установата, информира Алексовска.

-Пречекот на Дедо Мраз и дружењето на децата со него започнува од утре (19 декември) и завршува на 28 декември во петок  бидејќи имаме повеќе објекти, а посакуваме да имаме уште повеќе. Децата ќе можат еден ден да се дружат и да го доживеат Дедо Мраз онака како што се подготвуваат последниве две недели. Знаеме дека децата го чекаат Дедо Мраз штом ќе започне декември месец . Имаме голем број на активности кои што ги реализираме на ниво на група, на ниво на објект , соработка со родители преку работилници и на крај децата го дочекуваат Дедо Мраз ја гледаат  театарската претстава со тематика за Нова година,  меѓутоа секогаш нашите претстави се интерактивни, едукативни така што мислам дека децата ќе бидат презадоволни од денот кога Дедо Мраз ќе дојде во нивниот објект, изјави Алексовска.

За разлика од претходните години кога се подготвуваше куклена претстава, годинава децата ќе имаат можност да проследат театарска претстава подготвена од вработените во градинката заедно со децата, со наслов „Две новогодишни елки“ . Деновиве, како што посочува директорката Алексовска, ќе се организираат и новогодишни работилници, активности со родителите на децата, а секако и традиционалниот новогодишен концерт во соработка со музичкото  училиште „Панче Пешев“ . Концерт ќе се одржи во сите објекти на градинката.

Коментари

коментар(и)