Без вода повеќе локации низ Куманово

Проблемот со водоснабдувањето во Куманово продолжува. Кумановци се револтирани што немаат вода на  овие високи температури додека надлежните претпријатија си ја префрлаат топката. Повеќе од десетина дена жителите на Пчински пат и околните улици немаат вода за пиење. Чешмите во нивните домови секнуваат во текот на денот, а доцна навечер водата доаѓа но притисокот е многу слаб. Велат ноќе дежураат и ја чекаат водата за да ја вклучат машината за перење на алишта и да наполнат резерви на шишиња и буриња со вода за утрешниот ден.

Од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека се информирани за проблемите со водоснабдувањето. Оттаму објаснуваат дека освен на Пчински пат вода нема и во деловите на високите зони во градот, во селото Черкезе, во реонот околу железничката станица и населбата Биљановце. Додаваат дека во следниот период без вода ќе бидат и населбите „Перо Чичо“ и “Карпош.

– Јас се извинувам за ваквата состојба во предвечерје на еден голем празник за жал сите количини на вода што ги добиваме се преработуваат во фабриката за вода и ги дистрибуираме до граѓаните. Од страна на Водостопанство сме известени дека има дефект и дека количините на вода ќе бидат намалени, штом тие го санираат проблемот и ни ги достават потребните количини на вода ние веднаш ќе ги дистрибуираме,вели Горан Стојковски,раководител на ЈП „Водовод“.

Од Јавното претпријатие Водостопанство „Кумановско Липковско поле“ посочуваат дека вентилите за вода се пуштени но поради бројни дефекти таа завршува надвор од водоводните мрежи. Тие објаснуваат дека водата на ваков начин безпотребно се троши додека чешмите во домовите пресушуваат.

– Поради високите температури, зголемен интерес на водокорисници и појава на над 10 дефекти тече по една шахта вода. Таа вода непотребно се излива наместо да оди до филтер станицата, а ние реално немаме со што да интервенираме бидејќи ЈП „Водовод“ сеуште си тера по старо за а ние немаме доволно средства да ги санираме тие дефекти, вели Емрља Укшини, раководиртел на секторот на ХМС.

Од Водостопанство додаваат дека водата во  акумулациите е на минимално ниво, под 11 милиони метри кубни што е помала количина од претходните пет години. Тие додаваат дека во рок од четири дена се троши околу еден милион метри кубни вода за  пиење, наводнување и индустриски потерби. Според нивните проценки доколу не се изнајде соодветно решение Куманово за еден месец целосно ќе остане без вода бидејќи акумулациите ќе пресушат.

Коментари

коментар(и)